Собранието денеска на 7 јуни на втората седница на новиот парламентарен состав, ги верификуваше мандатите на пратениците Аднан Азизи и Имрлије Салиу-Фетаи од Коалицијата „Вреди“, а исто така го прифати и извештајот на Верификациската комисија која претходно на седница усвои извештај дека нема основ за оспорување на верификацијата на нивните мандати.
Азизи е пратеник на местото на тетовскиот градоначалник Билал Касами, чиј мандат на негово барање не беше верификуван на конститутивната седница, а Салиу-Фетаи доби пратенички мандат по прегласување на неколку избирачки места на 22 минатиот месец во Шетстата изборна единица.
Пратениците ја усвоија и одлуката за избор на претседатели, заменици претседатели, членови и нивни заменици на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно правната комисија.
Александар Велјановски е претседател на Комисијата за политички систем, а Љупчо Пренџов на Законодавно-правната комисија.
За Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка, предложен од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, што е трета точка од дневниот ред, како што рече претседателот на Собранието Африм Гаши, ќе се расправа откако ќе се создадат деловнички можности.
Видете и ова: Собраниска седница за измените за реорганизација на министерстватаПредлог законот за реорганизација на органите на државната управа пред почетокот на седницата кратко беше повлечен, а од ВМРО-ДПМНЕ појаснија дека тоа е направено поради исправка на номотехничка грешка и повторно е ставен на дневен ред на седницата.
Со измените се предвидуваат промени во организацијата на министерствата односно се формираат нови министерства и се прават промени во надлежностите на неколку ресори.
Во тек на утврдување на дневниот ред не беа прифатени барањата на пратениците Сашко Јанчев од Левица и Оливер Спасовски од СДСМ да се повлечат предложените измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Спасовски, образложувајќи го барањето, рече дека не е дозволено по скратена постапка да се носи системски закон, со кој се уредува зголемување на бројот на министерства и агенции.
Од Левица пак на прес-конференција реагираа на прекршување на процедурата за ова Предлог-законско решение.
Расправата и гласањето по оваа точка се очекува да продолжат откако за предложените измени ќе заседаваат Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците како матично работно тело и Законодавно-правната комисија.