Јадеме безбедна и квалитетна храна. Се што е во промет и инспекциски контролирано е апсолутно сигурно, порача денеска, 7 јуни, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во Северна Македонија, Николче Бабовски.
Тој на денешната прес-конференција по повод Светскиот ден на безбедна храна, информираше дека во првите пет месеци годинава се спроведени преку 22 000 инспекциски контроли.
Сепак, на Агенцијата и недостигаат уште најмалку 40 инспектори, а Бабовски рече дека од новата Влада ќе побара нови вработувања во овој дел.
За случаите кога некоја од земјите од ЕУ враќа увезена храна од Северна Македонија, како што тоа беше случајот со Хрватска и тоа во неколку наврати, Бабовски грешката ја лоцира во примарното производство на нива, каде вели се употребуваат одредени пестициди.
Од друга страна, објаснува дека иако храната во земјава е безбедна, вели дека храна со истечен рок може да се најде поради грешки на економските оператори.
„Граѓаните при купување на кој било производ добро да се информираат што стои на декларациите, посебно да внимаваат на начинот на чување и складирање, како и на рокот на употреба. Често поради одредени грешки на економските оператори може да се најде на рафтовите во маркетите производ со истечен рок. Нашите инспектори на ова посветуваат посебно внимание“, напомена Бабовски.
Од почетокот на годинава до АХВ се поднесени 79 иницијативи од граѓани за вршење инспекциски надзор, од кои 32 се однесувале на безбедноста на храната. Граѓаните се пожалиле на купување храна со поминат рок на употреба, храна подготвена и послужена во нехигиенски услови, несоодветно означена и неозначена храна, сомнежи за труење со храна, како и други претставки кои се однесуваат на квалитетот на прехранбените производи.
Видете и ова: Залихи од опасен пестицид се уште се употребуваат во земјоделиетоОд вкупниот број поднесени иницијативи од областа на безбедноста на храната, како неосновани се отфрлени четири. По поднесените и основани претставки постапуваат инспекциските служби на АХВ.
Како што рече директорот Бабовски, повеќе од 600 милиони луѓе во светот се разболуваат од несоодветна, неквалитетна или небезбедна храна, а повеќе од 420 000 лица умираат секоја година од небезбедна храна, па поради тоа предупреди за начинот на кој се складираат производите.
„Со оглед дека наредната недела земјава ја очекува топол бран, до 39 степени, граѓаните на крајот од набавката да ги купуваат леснорасипливите производи и веднаш да ги складираат на температура не повисока од пет степени. Со тоа, заедно, одговорно се грижиме за своето здравје“, порача Бабовски.
Мотото на годинашниот Светски ден е „Безбедност на храната: подгответе се за неочекуваното“, а АХВ се придружи кон кампањата „Safe2Eat“ за 2024 година на Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) која се реализира со партнерите од ЕУ земјите членки и земјите кандидати. Станува збор за ребрендирање на кампањата „ЕУ избира безбедна храна“, со обновена заложба за промовирање на свеста за безбедноста на храната кај европските граѓани.
Во својата четврта година од реализирањето, кампањата годинава се фокусира на три клучни области: Практики за безбедна храна, храната и здравјето и што има во вашата храна.