Хил: САД се задоволни од односот на Србија кон Украина и од дијалогот со Косово

Кристофер Хил, ноември 2023 година (Архивска фотографија)

САД се задоволни од политиката на Белград кон дијалогот со Косово и соработката со Украина, изјави во интервју за Гласот на Америка американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил, кој престојуваше во Вашингтон.

Тој оцени дека, кога се во прашање изборите во Србија, се уште има проблеми, но дека локалните избори на 2 јуни поминале подобро од парламентарните избори во декември минатата година. Хил во интервјуто зборуваше и за проектот на зетот на Доналд Трамп во Белград.

Минатонеделните локални избори во Србија, според амбасадорот Хил, покажале дека има напредок во спроведувањето на изборите.

„Постојат бројни реформи и промени кои треба да се спроведат, не само сега, туку и во наредните години, пред следните избори, особено треба да се реши проблемот со пристапот до медиумите. Но, ми се чини дека проблемот со миграцијата на гласачите е решена и мислам дека има напредок“, истакна Хил.

Избори

Тој изјави дека САД многу напорно работеле на имплементација на препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) од минатогодишните општи избори до локалните избори во јуни, но дека тоа се промени и реформи за кои е потребно време.

Како, на пример, да имате детален увид во избирачкиот список, а да не го кршите правото на заштита на податоци? Факт е дека се разговараше за проблемите, мислам дека тоа е здраво и дека помогна во тоа што се одржуваа состаноци меѓу опозицијата и владејачките партии, и сметам дека треба да им се дадат дел од заслугите на претседателката на парламентот Ана Брнабиќ, која ги собра луѓето, а тоа не беше лесно. Знаете, изборите не го будат најдоброто во луѓето. Но, тие се трудат. Имаше многу проблеми, но за тоа попрво би разговарал со учесниците на процесот, отколку во медиумите“, рече американскиот амбасадор.

Видете и ова: Вучиќ ја победи во Белград поделената опозиција

За тоа зошто не се реагираше на нападот на новинарот Вук Цвијиќ, бидејќи претходно имаше многу бурни реакции поради заканите кон новинарот Динк Грухоњиќ, Хил рече дека нема детални информации за тој случај, но дека САД секогаш го креваат гласот кога некој од медиумските работници е мета на напад.

Став кон дијалогот со Косово

На прашањето дали западната политика кон косовското прашање ја гледа успешна, имајќи го предвид постојаниот раст на тензиите, прашањата за динарот, експропријацијата и дека дијалогот мирува, Хил изјави дека тој не сака да зборува за политиката на САД кон Косово, туку за политиката кон Србија.

„Ја охрабривме Србија да остане вклучена во бриселскиот процес, и тоа го направи. Задоволни сме и што продолжуваат да го прават тоа, даваат идеи за решавање на проблемите - без разлика дали се работи за Поштенска штедилница или други прашања. Имаме добар дијалог со српските власти, иако има тешки прашања за кои се разликуваме - САД ја признаваат независноста на Косово, а Србија не. Но, во рамките на тоа несогласување, мислам дека имаме прилично добра соработка и се надевам дека ќе продолжи“, изјави американскиот амбасадор.

Видете и ова: Пропадна и последната рунда преговори за динарот меѓу Косово и Србија

Хил рече дека верува оти треба да продолжи работата на бриселскиот дијалог, „да останеме блиску до Србија во тој процес и тесно да соработуваме со нашите партнери од ЕУ“.

„До одреден степен, работите се фокусираа на тоа како Србија може да се приближи до единствениот европски пазар, ова е од критично значење за иднината на Србија и ние го поддржуваме тоа. А можеби, преку оваа поблиска соработка со ЕУ, можеме да создадеме моментум за решавање на други прашања“, оцени тој.

Политика кон Русија и Украина

На прашањето дали САД ја сметаат Србија за сигурен партнер, земајќи ги предвид блиските врски со Русија, кои се чини дека стануваат се посилни, Хил рече дека „не е на САД да им кажат со кого можат и не можат да разговараат“.

„Но, кога зборуваме за тоа дали Србија може да биде сигурен партнер - да, може. И ние работиме на тоа секој ден“, рече амбасадорот.

Видете и ова: Американската амбасадорка во НАТО ги повика земјите од Западен Балкан да трошат повеќе за одбраната

Американскиот амбасадор рече и дека Вашингтон е многу задоволен од растечките форми на соработка меѓу Србија и Украина.

„Нашето мислење, а верувам дека го делат и Србите, е дека не смее да се дозволи руска агресија врз Украина. Тоа е голем проблем за цела Европа, вклучително и Србија. Мислам дека Србија ја покажа својата позиција, гласаше за резолуциите на ОН и верувам дека тој работи напорно зад сцената за воспоставување мир и безбедност во Европа“, рече Хил.

Проектот на Кушнер во Белград

На прашањето дали американската амбасада имала знаење или дали учествувала во проектот (ревитализација на зградата на Генералштабот) на зетот на поранешниот американски претседател Џаред Кушнер во Белград, Хил рече дека амбасадата не учествувала, но дека тие знаеле за тоа.

На 15 мај, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Србија, Горан Весиќ, во име на Владата на Србија, потпиша договор за ревитализација на Генералштабот со американската компанија „Афинити Глобал Девелопмент“, на чело со од Џаред Кушнер.