Израелските сили убиле тројца Палестинци и раниле 13 лица на Западниот Брег, погодено е училиште на ОН во Газа

Рација на израелската армија во Џенин на Западниот Брег

Израелските сили убиле тројца Палестинци и раниле најмалку 13 други во напад врз окупираниот град Џенин на Западниот Брег во четвртокот, 6 јуни, соопшти палестинското Министерство за здравство и лекари.

Палестинскoто здружение Црвена полумесечина соопшти дека лекува најмалку шест лица кои биле застрелани, четворица се здобиле со рани, а едно лице кое било прегазено од армиски џип. Израелската војска не одговори веднаш на прашањата за спроведената рација.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата земја, иако се соочува со „комплициран меѓународен притисок“, решена е да ја промени безбедносната реалност во областа.

„Израел е во тешка борба на многу фронтови. Се бориме на југ, на север, се бориме и во Јудеја и Самарија“, рече тој, користејќи го библиското име за Западниот Брег.

Западниот Брег е меѓу териториите што Израел ги освои во војната на Блискиот Исток во 1967 година. Палестинците сакаат тоа да биде јадрото на нивната идна независна држава и велат дека проширувањето на израелските населби во областа е пречка за постигнување на таа цел.

Од почетокот на војната во Газа минатиот октомври, Западниот Брег, каде Палестинците кои живеат под израелска воена власт имаат ограничена самоуправа, се претвори во секундарен фронт.

Но, насилството расте и таму, при што Обединетите нации објавија рекорден број на Палестинци убиени во 2023 година во услови на зголемени воени напади и напади на доселеници.

Видете и ова: Над 20 загинати во израелски напад врз училиште на УНРВА

Според ОН, повеќе од 500 Палестинци и 12 Израелци се убиени на Западниот Брег од 7 октомври.

Снимка објавена на социјалните мрежи, која Ројтерс не можеше веднаш да ја потврди, се чини дека покажува како хеликоптер пука во бегалскиот камп во Џенин, густо населена урбана област.

Кампот Џенин беше во фокусот на рациите на израелската војска, која вели дека спроведува такви операции за апсење осомничени и спречување напади врз Израелци. Во мај, војската изврши воздушен напад врз кампот, што е реткост на Западниот Брег.

Некои палестински групи велат дека се вклучени во вооружена борба за да се спротивстават на повеќедецениската воена окупација на Израел.

Според палестинската агенција за бегалци на ОН, УНРВА, околу 23.600 жители на кампот се регистрирани како бегалци - луѓе кои биле протерани или избегале од своите домови за време на војната во 1948 година за создавањето на Израел, или нивни потомци.

Во меѓувреме, во израелски напад рано во четвртокот на училиште на ОН во кои се сместени раселените Палестинци во центарот на Газа загинаа повеќе од 30 лица, меѓу кои 23 жени и деца, според локалните здравствени власти.

Соединетите Американски Држави објавија заедничка изјава со другите земји во која ги повикуваат Израел и Хамас да ги направат сите неопходни компромиси за финализирање на договорот по осум месеци војна во Појасот Газа.

Исмаил Ал Тајабта, директор на владината канцеларија за медиуми, управувана од Хамас, ги отфрли тврдењата на Израел дека училиште на ОН во Нусејрат, централна Газа, крие командно место на Хамас.

Видете и ова: САД го повикаа СБ на ОН да го поддржи планот за прекин на огнот во Газа

„Окупаторите користат лажни измислени приказни за да го оправдаат бруталното злосторство што го извршија врз десетици раселени луѓе“, изјави Тајабта за Ројтерс.

Израелската војска соопшти дека нејзините воени авиони извршиле „прецизен напад“ и објави сателитски фотографии на кои се прикажани два дела од зграда каде што велат дека биле сместени борците.

„Ние сме многу сигурни во разузнавањето“, рече воениот портпарол потполковник Питер Лернер, обвинувајќи ги борците на Хамас и Исламски џихад дека намерно ги користат објектите на ОН како бази за операции.

Тој рече дека во базата се лоцирани 20-30 борци и дека многу од нив се убиени, но нема прецизни детали бидејќи се прават разузнавачки проценки.

„Не знам за цивилни жртви и би бил многу, многу внимателен да прифатам се што ќе објави Хамас“, рече портпаролот на израелската армија.