Одбиена жалба на затворениот критичар на Кремљ Јашин поради статусот „странски агент“

Рускиот опозициски политичар и поранешен општински заменик во Москва, Илја Јашин.

Рускиот суд на 5 јуни ја отфрли жалбата поднесена од затворениот опозициски политичар Илја Јашин против паричната казна што му беше наложена да ја плати поради, како што е наведено, прекршување на законот за „странски агенти“.

Јашин отслужува затворска казна од 8 и пол години поради критиките кои ги упати за целосната инвазија на Москва врз Украина.

Поранешниот московски општински пратеник беше казнет со 30.000 рубљи (334 долари) во март, поради објавување материјали на интернет без да означи дека се направени од странски агент.

Адвокатите на Јашин инсистираа дека казната е неоснована бидејќи нивниот клиент отслужува затворска казна и не може да објавува материјали на интернет.

Јашин (40) е отворен критичар на Кремљ и еден од ретките истакнати опозициски политичари кои останаа во Русија по бранот репресија врз оние кои ја осудија руската агресија врз Украина од почетокот на војната во февруари 2022 година.

Видете и ова: Рускиот опозиционер Јашин по втор пат во самица

Казната изречена на Јашин во декември 2022 година беше најтешката меѓу случаите против обвинетите за дискредитација на вооружените сили на Русија, а според новиот закон воведен неколку дена по почетокот на инвазијата.

Кривичниот случај против Јашин беше отворен во јули 2022 година. Обвинението против него произлезе од неговите објави на социјалната мрежа Јутјув за наводните злосторства извршени од руската војска во украинскиот град Буча.

Јашин беше додаден во регистарот на странски агенти на Министерството за правда на Русија во јули 2022 година.

Во декември минатата година, московскиот суд го казни затоа што не ги означил неговите онлајн материјали дека се направени од странски агент.

Многу критичари и групи за заштита на човековите права велат дека таканаречениот закон за „странски агенти“ се користи од страна на Кремљ за сузбивање на неистомислениците.

Повеќекратните прекршувања на законот за странски агенти може да доведат до нова кривична постапка против политичарот.

Видете и ова: Руските опозиционери зад решетки најавуваат еднодневен штрајк со глад

Јашин учествуваше на сослушувањето на 5 јуни преку видео врска. Тој изјави дека не се смета себеси за странски агент и дека целиот свој живот го „посветил“ на поддршка на руските интереси.

„Не се осмелувајте да ме нарекувате странски агент“, рече Јашин.

Јашин ја отслужува затворската казна во поправната колонија број 3 во западниот регион Смоленск.

Од 22 мај Јашин е сместен во самица, што го наруши закажаниот тридневен престој со неговите родители во просториите на казнено-поправниот дом.

Судијата Алексеј Штајнле им дозволи на родителите на Јашин да разговараат со нивниот син 25 минути по сослушувањето на 5 јуни.