Директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Александар Трајановски, денеска, 6 јуни, изјави дека со обезбедените надворешни компресори на хируршките клиники досега изведени се околу 70 оперативни зафати и изрази уверување дека работите полека ќе се враќаат во нормала.
Оваа негова изјава доаѓа по проблемот со снабдување со компримиран гас од централната компресорска станица на Клиниката, како и затворањето на хируршките сали на Клиничкиот центар во Скопје.
Трајановски кажа дека ТОАРИЛУЦ располага со шест операциони сали, две на Трауматологија, а четири на Клиниката за ортопедски болести, посочувајќи дека се работи со намален интензитет.
„Со обезбедувањето на надворешните компресори, досега изведени се некаде околу 70 оперативни зафати. Половина на Клиниката за траумоатологија, половина на Клиниката за ортопедија. Работиме со намален интензитет. Ако претходно сме оперирале дневно да речеме на Клиниката за ортопедија по околу 15 случаи, сега во една сала во две смени може да поставиме максимум седум до осум случаи и предност имаат пациенти со малигни заболувања, како и фрактури, но, секако, се оперираат и пациентите кои се на елективната листа на чекање“, истакна Трајановски.
Видете и ова: Надворешни компресори за работа на хирушките клиникиТој посочи дека листи на чекање имало и претходно, пред да се појави проблемот со хируршките сали на Клиничкиот центар во Скопје, а посочи и дека полека работите ќе се враќаат во нормала.
Инаку Лабораторија во Германија треба да утврди што ги затвори хируршките сали во Клиничкиот центар, најголемиот медицински комплекс во државата.
Според заменик министерката за здравсво, Маја Манолева, предметот е во Јавното обвинителство и би оставила на надлежните институции да проверат и да кажат каде е одговорноста.