Шпанија ќе побара од Меѓународниот суд на правдата дозвола да се приклучи кон обвинението на Јужна Африка против Израел за геноцид во Газа.
Јужна Африка започна постапка кон крајот на минатата година обвинувајќи го Израел за кршење на конвенцијата за геноцид во офанзивата што опустоши голем дел од Газа.
„Одлуката ја носиме поради тековната воена операција во Газа. Сакаме да се врати мирот во Газа и на Блискиот Исток, а за тоа да се случи, сите мораме да го поддржиме судот“, изјави во четвртокот, 6 јуни, шефот на шпанската дипломатија Хозе Мануел Албарес.
Така, Шпанија ќе биде првата европска земја што ќе се приклучи во случајот што Јужна Африка го изведе пред суд уште кон крајот на минатата година.
Мексико, Колумбија, Никарагва, Либија и Палестинците веќе побараа да се приклучат во овој случај.
Судот му нареди на Израел веднаш да ја прекине воената офанзива врз градот Рафах во јужниот дел на Газа, но не и нападот врз целиот Појас Газа. Но, Израел не се придржуваше кон овие наредби.
Видете и ова: Израел го бомбардира Појасот Газа и покрај наредбата да сопре од меѓународниот судТел Авив негира дека извршил геноцид и тврди дека целта на воената агресија е уништување на Хамас по нападот на палестинската милитантна група врз Израел на 7 октомври минатата година.
Во ненадејна операција Хамас уби 1.200 луѓе и зеде уште 250 израелски заложници. Во израелските воздушни и копнени напади загинаа 36.000 Палестинци, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Барањето на шпанската влада на социјалистичкиот премиер Педро Санчез има за цел да ги поддржи мировните напори во Газа.
Шпанија, Ирска и Норвешка официјално ја признаа палестинската држава на 28 мај, додека пак Словенија го направи тоа оваа недела.
Повеќе од 140 земји ја признаа палестинската држава - повеќе од две третини од Обединетите нации, но ниту една од големите западни сили, вклучително и САД, не ја признаа.
Видете и ова: Израел и нареди на Шпанија да ги прекине конзуларните услуги за ПалестинцитеИзраелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, изјави дека владата на Санчез, со признавањето на палестинската држава, е „соучесник во охрабрувањето на геноцидот врз Евреите и воените злосторства“.
Одлуката на Санчез во голема мера беше поддржана во Шпанија, каде што некои студенти им се придружија на нивните американски колеги во протестите во кампусите.
Албарес рече дека одлуката на неговата влада има непосредна цел да се изврши притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ги исполни привремените мерки на судот за запирање на крвопролевањето во Рафах.
Повеќе од еден милион луѓе избегаа од Рафах од почетокот на операцијата.