Од денеска (6 јуни) па до недела во ЕУ ќе се одржат избори за новиот состав на Европскиот парламент. Согласно последните измени во структурата на ЕП, бројот на европратеници се зголемува од досегашните 705 на 720.
Изборите започнуваат денеска со гласање во Холандија, утре во Ирска, утре и задутре ќе гласаат граѓаните на Чешка, в сабота евроизборите ќе се одржат во Летонија, Малта, Словачка и во француските прекуморски департмани и територии, а во сабота и недела во Италија. Во останатите 20 членки на ЕУ, вклучително и во европскиот дел на Франција, изборите за европратеници ќе се одржат в недела на 9 јуни.
Најголем број европратеници или 96 се избираат во Германија, по што следува Франција со 81, Италија со 76, Шпанија со 61, Полска со 53, Романија со 33, Холандија со 31, Белгија со 22, Грција, Португалија, Унгарија, Чешка и Шведска со по 21, Австрија со 20, Бугарија со 17, Данска, Словачка и Финска со по 15, Ирска со 14, Хрватска со 12, Литванија со 11, Летонија и Словенија со по девет, Естонија со седум и Кипар, Луксембург и Малта со по шест членови во Европскиот парламент.
Видете и ова: Што значат европските парламентарни избори?Последните анкети на јавното мислење во пресрет на Европските избори покажуваа дека најмногу европратеници, односно меѓу 176 и 180, би освоила десноцентристичката група на демохристијански и умерени конзервативни партии, Европска народна партија (ЕПП), пред Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), која ја сочинуваат социјалдемократската Партија на европските социјалисти (ПЕС) и неколку лево центристички, прогресивни и левичарски партии кои не се членки на ниту една европска партиска групација, која според истражувањата би освоила меѓу 138 и 143 мандати.
Трета би била групата „Да ја обновиме Европа“ што ја сочинуваат либералната Алијанса на либералите и демократите во Европа (АЛДЕ), центристичката Европска демократска партија (ЕДП) и независни либерални и центристички партии, меѓу кои најзначајна е Ренесанса (РЕ) на францускиот претседател Емануел Макрон, која се предвидува да освои меѓу 84 и 86 мандати.