Отсуство на дидактички материјал за образование во основно училиште за учење на немнозинските јазици, учебници и недостиг на образовен стручен наставен кадар обучен за таква настава, се дел од проблемите, со кои се соочуваат немнозински заедници во државата, изјави Братислава Танасковиќ од Форумот на немнозински заедници и Коалицијата на граѓански организации на немнозинските заедници во Македонија.
Таа појасни дека дваесетина граѓански организации што ги претставуваат немнозинските заедници ги констатирале истите проблеми, на локално или централно ниво.
„Денеска информираме дека започнуваме со подготовка на „извештај во сенка“, во врска со спроведувањето на рамковната конвенција на Советот на Европа, за заштита на националните малцинства. Со оваа иницијатива, примарно, ја нагласуваме нашата посветеност да обезбедиме остварување заштита и унапредување на правата на малцинствата, како и развој на демократијата и владеењето на правото во општеството“, изјави Танасковиќ..
Видете и ова: Шеесет проценти од ромското население во Битола не дозавршило основно училиштеФорумот на немнозинските заедници констатирал дека поднесувањето на шестиот државен извештај за спроведувањето на рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства, е одложено.
„Првичниот рок беше први февруари. Неговото отсуство го попречува критичкото оценување на напредокот и почитувањето на правата на малцинствата. Сакаме да го забрзаме и да го поддржиме овој процес и ќе дадеме активен придонес во процесот на известување“, изјави Танасковиќ.
Таа соопшти дека Форумот идентификувал и потреба од дополнување на процесот на преговори со Европската Унија.
На владиниот скрининг извештај му недостига сеопфатен акциски план за партиципација и интеграција на немнозинските заедници во евроинтеграциските процеси и политики, подвлече таа и повика на итно започнување на инклузивен дијалог со сите граѓански организации од немнозинските заедници, во врска со преговорите за членство во Европската Унија и планот на Унијата за раст на Западен Балкан.