Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, екс министерката за одбрана Славјанка Петровска и досегашниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски денеска ги поднесоа кандидатурите за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз.
„Доколку бидам избран за претседател, ќе докажам дека ќе владеам со мојот интегритет и достоинство. Тоа што имам одлични релации со Зоран Заев пред се говори за мене. Јас имам и одлични релации и со други претходни претседатели на СДСМ и сметам дека тоа е еден од факторите што ќе влијае да даде брзи резултати односно брзо обединување, со многу чести разговори и средби на кои сите членови ќе ги кажат своите размислувања коишто ќе бидат вградени во тоа како партијата ќе функционира понатаму. На тој еден инклузивен начин ќе се чувствуваат дека се дел од процесот на водење на партијата“, изјави Филипче по поднесувањето на кандидатурата.
Како што и претходно најави и Славјанка Петровска ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ. Таа кажа дека 24 години активна во партијата, а во програмата се осврнува на тоа што треба да се итни приоритети по големиот пораз кој го доживеаа на изборите.
Видете и ова: Лидерски амбиции во СДСМ има, но сè уште се тактизира„Овој пат ситуацијата е специфична, особено поради политичките околности. На ниту една држава не и треба слаба или никаква опозиција. Затоа предизвик е СДСМ да се исправи, да продолжи по идеологијата и да биде цврста и силна опозиција“ посочи Петровска.
Ако биде избрана, таа кажа дека ќе има и итен избор на ново раководство.
Системско решавање на работите, а не пазар најавува актуелниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски, доколку ја добие довербата од партиското членство.
„СДСМ се наоѓа во многу тешка ситуација, СДСМ има потреба од еден нов почеток. Ќе формираме Влада во сенка која ќе даде опција на граѓаните, да размислуваат и да споредуваат. Ќе бидеме конструктивна опозиција во Собранието, нема да критикуваме по секоја цена. Ќе подадеме рака на секој, вклучително и на политичките опоненти, за сите политики, проекти и чекори кои се во интерес на граѓаните и кои се совпаѓаат со програмата која ја нудиме, нагласи Деспотовски“, истакна Деспотовски.
Според него професионализацијата на партијата значи вклучување на луѓе кои не се дел од партиските структури, но рече нема да ги заборават и старите структури.
Видете и ова: Ковачевски се повлекува од претседателската функција на СДСМВнатрепартиските избори следуваат по поразот што партијата го претрпе на парламентарните избори, на кои освои 18 пратенички мандати. Филипче беше носител во четвртата изборна единица, каде партијата освои пет мандати. Петровска стана пратеник откако во шестата изборна единици како носител на листа освои мандат. Нивниот против кандидат Деспотовски не беше дел од пратеничките листи.
Вонредните внатрепартиски избори ќе се одржат на 30 јуни. Претстојните ќе бидат трети внатрепартиски избори на кои претседателот на СДСМ ќе се бира со непосредно гласање на членството.