Моди прогласи победа на изборите во Индија

Индискиот премиер Нарендра Моди

На 4 јуни, индискиот премиер Нарендра Моди прогласи победа на парламентарните избори, велејќи дека по трет пат народот верува во неговиот Национален демократски сојуз.

Тој рече, како што пренесува Ројтерс, дека ќе продолжи со добрите резултати од изминатата деценија и дека ќе продолжи напред „со нова енергија, ентузијазам и решителност“.

Претходно, индиските ТВ канали, повикувајќи се на прелиминарни резултати, објавија дека се очекува сојузот на Моди, предводен од Индиската народна партија, да има мнозинство во Долниот дом на парламентот.

Според нив, сојузот на Моди води со повеќе од 300 мандати во Домот од 543 места, додека опозициските партии имаат близу 200.

Видете и ова: За време на гласањето во Индија од топлотен удар починале 33 членови на изборните служби

Парламентарните избори во Индија - најголемите во светот - се одржаа во седум фази во изминатите шест недели.

Речиси една милијарда луѓе се регистрирани за гласање.
Доколку биде потврдено, Моди ќе обезбеди трет последователен мандат како премиер.

Изборите се сметаат за едни од најважните во историјата на Индија. Доколку Моди победи, тој ќе биде само вториот индиски лидер кој ја задржал власта по трет мандат по Џавахарлал Нехру, првиот премиер на земјата.

Откако дојде на власт во 2014 година, Моди уживаше огромна популарност. Неговите поддржувачи го гледаат како независен, силен лидер кој го подобрил угледот на Индија во светот и има заслуга за неговите политики што ја направиле индиската економија петта по големина во светот.