Нема доволен број компресори затоа што компресорите се набавувани како резервна варијанта од секоја од клиниките, тврди заменик министерката за здравство Маја Манолева.
Според неа не било предвидено дека може да настане дефект со компресорите за воздух во клиничките операциони сали, но тврди дека веќе се работи на проблемот со снабдување со компримиран гас од централната компресорска станица.
„Компресори и садови со компримиран воздух, требаше во текот на вчерашниот ден да бидат доставени од страна на „Заеднички служби“. Но, не беа доставени. Проблемот е надминат и во тек на денешниот ден истите тие садови со компромиран воздух со соодветни регулатори ќе бидат доставени до секоја од клиниките. Сметам дека со набавка што нема да биде голема, секоја од клиниките да набави по еден, два или три компресори, мислам дека ќе се задоволат комплетните потреби на секоја од хируршките клиники. Сугерирав до директорите да набават и резервни компресори, за да може во случај, да нешто од тоа откаже, да може да се замени со резервна варијанта, истакна Манолева.
Видете и ова: Хаваријата на Хируршки клиники може да го крахира здравствотоВо меѓувреме хируршките клиники, се задолжени да организираат работа во две смени и на итни пациенти. Според неа јавната установа „Заеднички служби“ за потребите на здравството треба да се задолжи во најбрзо време да направи замена на компресорската станица со нова компресорска станица на друга локација, но и замена на целокупната инсталација за довод за кислород и компримиран воздух со што би добиле најсоодветно и најадекватно решение.
Инаку Лабораторија во Германија треба да утврди што ги затвори хируршките сали во Клиничкиот центар, најголемиот медицински комплекс во државата.
Се работи како во вонредна ситуација, се прават само итни операции, останатите се одложуваат. Пациентите се пренасочуваат во болницата „Св. Наум Охридски“ и во ГОБ „8 септември“, но таму веќе се е полно.
Причина за хаваријата во хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се проблеми во инсталацијата за кислород и во компресорската станица. Во меѓувреме е исклучена од употреба и хипербарната комора на Клиниката за пластична хирургија.
Според заменик министерката предметот е во Јавното обвинителство и би оставила на надлежните институции да проверат и да кажат каде е одговорноста.