Ирански функционер е убиен во израелски воздушни напади во близина на сирискиот град Алепо, речиси два месеци откако Исламската Република предупреди дека ќе возврати на нападите врз нејзините интереси.
Саид Абајар, припадник на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), е еден од 17-те убиени во нападот во раните утрински часови на 3 јуни, според новинската агенција Тасним, поврзана со ИРГЦ.
Како што јавува Радио Слободна Европа на англиски јазик, ниту ИРГЦ ниту иранската влада официјално не го коментирале нападот на Алепо.
Сепак, привремениот министер за надворешни работи на Иран, Али Бакери Кани, пристигна во Сирија на 4 јуни како дел од регионалната турнеја што започна еден ден претходно во Либан.
Абиар е првиот официјален претставник на ИРГЦ убиен во израелски напад по бомбардирањето на 1-ви април врз комплексот на иранската амбасада во Дамаск. Во тој напад загинаа седум членови на ИРГЦ, вклучително и двајца генерали.
Иран одговори со лансирање ракети и беспилотни летала против Израел и предупреди дека е воспоставена „нова равенка“ со која Техеран ќе возврати на какви било израелски напади врз неговите интереси во регионот.
Раз Зимт, висок истражувач во израелскиот Институт за национални безбедносни студии, за РСЕ изјави дека израелската цел најверојатно била складиште за муниција и дека Абајар бил еден од луѓето кои биле во близина на местото на ударот.
Сепак, според неговата проценка, Израел покажа дека не е одвратен од иранските закани за одмазда, како што покажаа неговите континуирани напади во Сирија, каде ИРГЦ со години одржува контингент на таканаречени воени советници.
„Не сум убеден дека Иран, а со тоа и Израел, разбираат што е „новата равенка““, вели Зимт.
Техеран одржува силно воено присуство во Сирија, додека Израел повремено извршува напади врз локации поврзани со Иран во земјата, често таргетирајќи ги командантите на ИРГЦ.
Регионалните тензии се зголемија по избувнувањето на војната во Појасот Газа, откако Хамас, кој се смета за терористичка организација од САД и Европската унија, изврши напади во Израел на 7 октомври, при што според израелските податоци уби 1.200 луѓе и зеде 253 заложници.
Оттогаш, најмалку 36.550 луѓе се убиени во израелската офанзива, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.