Одобрена апанажа, засега, за 29 пратеници

Пратеници во Собрание

На вкупно 29 поранешни пратеници, до сега, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата им го прифати барањето за апанажа. Тие испратиле барање до Собранието за да го искористат своето законско право да добиваат една година плата од државата, иако веќе не извршуваат функција. Претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски информираше дека се поднесени и други барања кои се разгледуваат.

Законскиот рок за поднесување на барање за апанажа истекува на 28 јуни, односно 30 дена по верификација на мандатите на новите пратеници.

Според законот, апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието. По завршувањето на пратеничкиот мандат од минатиот собраниски состав такво законско право може да искористат вкупно 57 пратеници.

Видете и ова: Поранешни министри, лекари и директори се новите пратеници

Пратеничката нето плата во македонското собрание во просек изнесува околу 109 илјади денари, без при тоа да се пресметаат додатоците што ги добиваат за работен стаж, како и за учество во работните групи и собраниските тела.

На дневен ред на првата седница на оваа Комисија е и разгледување на барањето од поранешниот претседател Стево Пендаровски, за мирување на правото на пензија по престанување на функцијата, е наведено на собраниската веб-страница.