Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не сака да ги коментира заканите од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за можно вето за европските интеграции на земјава поради, како што вели тој, непочитување на Преспанскиот договор од нејзина страна.
„Јас не коментирам пораки на господинот Мицотакис. Преспанскиот договор има механизми, почнувајќи од укажување, па до обраќање до Генералниот секретар на Обединетите Нации. Постои и можност за покренување постапка пред Меѓународниот суд на правдата, чија пресуда соседот Грција не ја почитуваше“, изјави Сиљановска-Давкова во одговор на новинарско прашање пред почетокот на панел дискусијата „Европската Унија како предизвик и предизвиците на Европската Унија: Европа 74 години после Шумановата декларација” во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и Европското движење.
Грчкиот премиер неодамна изјави дека очекува од мандатарот за премиер на Северна Македонија јавно, на јасен и категоричен начин да изјави дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија, ерга омнес и во внатрешната и во надворешната употреба. Тој додаде дека европскиот пат на Северна Македонија минува низ Грција и истиот може да остане затворен, ако не се испочитува договореното,
Сиљановска-Давкова вели дека не може да ги спречи изјавите на Мицотакис, но дека тие не се во духот на развивањето пријателски односи.
„Преспанскиот договор е дел од преговарачката рамка, но не мислам дека е тоа во духот на развивањето на пријателските односи. Мислам дека и во традиционалната дипломатија можеби е добро да фрлиме поглед врз културната дипломатија каде што на поинаков начин ги решаваат проблемите. Сметам дека и ние со соседите би можеле во пријателски дух да се обидеме на поинаков начин да се однесуваме и по малку да бидеме скандинавци“, порача Сиљановска-Давкова.
Инаку, таа не ја исклучува можноста пред завршувањето на последниот рок да го додели мандатот за состав на новата влада и вели дека е логично некогаш да бидете власт, а некогаш опозиција.
Обвинувањата на Европскиот фронт за мајоризација над малцинството ги отфрли како неточни, нагласувајчи дека изборот на владата се прави според идеолошката определба, според програмските определби и според наоѓањето со кого би постигнале најдобри реформски резултати.