Рускиот опозиционер Јашин по втор пат во самица

Рускиот опозициски политичар Илја Јашин

Рускиот опозициски политичар Илја Јашин е осуден на уште 12 дена во самица наместо да биде ослободен на 3 јуни, откако таму поминал 15 дена, објавено е на Телеграм.

Јашин, кој отслужува затворска казна од осум и пол години за критикување на инвазијата на Москва на Украина, првично беше ставен во самица бидејќи ја напуштил ќелијата со три минути доцнење по утринското будење, јавува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Тој претходно изјави дека управата првично го казнила намерно, за да му го наруши тридневниот престој со родителите во просториите на казнената колонија.

Престојот во самица му бил продолжен за уште 12 дена, велат неговите соработници, бидејќи Јашин откако излегол од тушот, на неколку минути ја соблекол наметката за да ја смени кошулата. Според управата на колонијата, политичарот на тој начин го „прекршил кодексот на облекување“.

Видете и ова: Европратениците гласаа за резолуција со која се бара ослободување на новинарите Курмашева и Гершкович

Судот во Москва го осуди Јашин во декември 2022 година на осум и пол години затвор за критикување на воената офанзива против Украина.

Обвинението против него се заснова на неговите објави на Јутјуб за злосторства извршени од руската армија во украинскиот град Буча.

Јашин, кој исто така е соработник на починатиот опозициски активист Алексеј Навални, беше прогласен за виновен за „ширење лажни информации“ според контроверзниот закон против дискредитација на војската.

Навални, кој почина во февруари во арктичкиот затвор под сомнителни околности, речиси никогаш не ја напушти казнената ќелија за време на неговиот престој во колониите, а беше сместен таму повеќе од десет пати.

По смртта на Навални, кого Јашин го нарече негов пријател, активистите за човекови права изразија страв за животот на Јашин и Владимир Кара-Мурза, двајца од најистакнатите опозициски фигури затворени во руските колонии.