Се работи за конзорциум од три фирми кои се испитуваат, а досега има некои нелогичности во договорот за избор на надзор над изградбата на автопатите кои треба да ги градат „Бехтел и Енка“. Ова го изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во најавата дека наскоро може да се очекува јавнообвинителската одлука за овој предмет.
„Преземени се доста работи. Се работи таму за конзорциум од три фирми коишто се испитуваат. Досега има некои нелогичности во договорот. Се преземаат дејствија и јас сметам дека, можеби набрзо, Јавното обвинителство ќе излезе со јавнообвинителска одлука,“ изјави Коцевски, во интервју за „360 степени“ , за предистрагата за тендерот за избор на надзор над изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“.
Тој не одговори на прашањето дали оваа најава значи отворање на истрага, туку посочи пример за дел од работите кои се испитуваат во предистрагата, како што се лиценците, каде што, како што вели, на пример, фирмата „Електра солушнс“ обезбедила лиценца за надзор откако веќе била распишана јавната набавка.
Овој проект од самиот почеток го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Но и покрај сомнежите , Владата и Бехтел и Енка го потпишаa договорот. И Основното јавно обвинителство, но и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отворија предмети за коридорите.
Во меѓувреме изградбата на автопатите кои треба да ги гради конзорциумот Бехтел-Енка никако да почне. Незадоволни жители од најавите за експропирација во прилепско и гостиварско ја блокираат механизацијата, а веќе има поднесено и тужби во прилепскиот и во Уставниот суд.
Бехтел е најголемиот американски контрактор по приходи, додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји. Градат големи инфраструктурни проекти ширум светот, а во регионот градеа неколку автопати, а некои ги следеа контроверзии. Ги градеа автопатите во Косово, Албанија, потпишаа договор за „Моравскиот коридор“ во Србија.