Кандидатските листи за членови на Судскиот совет ќе останат непроменети, е одлуката што ја донесе на итна седница на 3 јуни Судскиот совет, откако го разгледа известувањето за повлекување на пријавата на кандидатката за избор на член на Советот од редовите на Врховниот суд, Цветанка Периќ. Дел од судиите на седниците изразија сомнеж за можни политички влијанија врз судијката за нејзината кандидатура.
Известувањето до судиите пристигнало на само шест дена пред одржувањето на седницата на која ќе се изврши изборот за нов член на Советот. Судијката од Врховниот суд, Периќ доставила известување до Судскиот совет дека од здравствени причини ја повлекува пријавата.
Судијката Антоанета Димовска која е член на Советот вели дека е непријатно изненадена од повлекувањето на пријавата на Периќ, затоа што известувањето пристигнало во Советот кога целата постапка била завршена.
„Судскиот совет не може да преземе никакво дејствие, бидејќи сите дејствија ги презедовме, ги утврдивме кандидатските листи, формирана е Комисијата за изборите и ова за мене е најмалку чудно. Не знам за какви здравствени причини се работи, но се работи за судија од Врховниот суд. Треба да бидеш здрав да ја извршуваш функцијата и во Врховниот суд, како и работата во Судскиот совет, рече Димовска.
Судиите во четврток ( на 6 јуни ) ќе гласаат за два нови члена на Судскиот совет, еден од редовите на врховните судии и еден од апелациското подрачје Битола, при што на избирачките ливчиња од редот на врховните судии се впишани кандидатите Цветанка Периќ и Исамедин Лимани, а од битолското апелациско подрачје се судиите Александар Камбовски, Татјана Сусулеска и Александра Поп Стефанија.
Членот на Судскиот совет Селим Адеми тврди дека повлекувањето на шест дена пред избори е ситуација која не е уредена со закон, а Советот веќе ја има утврдено листата со двајцата кандидати и доставено до Комисијата за избор.
„Сега Судскиот совет во оваа фаза не може да интервенира и смени друга кандидатска листа“, рече Адеми.
Местото од Врховен во Судскиот совет е испразнето околу една година, откако оставка си поднесе судијката Мирјана Радевска Стефкова, заедно со Зоран Герасимовски, по контроверзното разрешување на претседателката на Советот на судии, Весна Дамева во април минатата година.
Во врска со повлекувањето на пријавата, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, кажа дека не е детално запознаена со причините за повлекувањето на судијката Периќ.
„Секогаш при вакви избори добро е да се има повеќе кандидати, тоа е смислата на изборниот систем. Во овој правец се и препораките на оценската мисија, кои детектираат дека потребни се подобрувања на законското решение на овој дел“, вели Адеми.
Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање.
Препораките, како што информираа тогаш од Делагацијата на Европската унија се групирани во шест сегменти - структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.