По осмиот неуспешен обид на членовите на Уставниот суд да изберат претседател, се одржуваат консултации меѓу судиите за продолжение на седницата започната на 30 мај годинава, се вели во соопштението од Уставниот суд.
„Со оглед дека се уште не е избран нов претседател на Судот, а со цел Уставниот суд да функционира непречено, судиите едногласно зазедоа став дека за прашањата кои се однесуваат на управувањето, да се одлучува колективно“, е наведено во соопштението.
На денешното продолжение на седницата за избор на нов претседател на Уставниот суд, се гласало два пати за различни кандидати, при што ниту еден од нив не го доби потребното мнозинство, односно поддршка од најмалку две третини од вкупниот број на судии или најмалку 6 гласови.
Видете и ова: И третиот кандидат за претседател на Уставен не доби зелено светлоЗа претседател на Уставниот суд во осумте гласања беа кандидирани судиите Ана Павловска Данева, Татјана Васиќ- Бозаџиева и Осман Кадриу. И Кадриу и Бозаџиева во неколкуте изборни круга освоиле само по пет гласа, па според Деловникот на Уставниот суд постапката продолжува да се повторува се додека не се избере претседател со најмалку 6 гласа „за“.
„Судијата Ана Павловска-Данева на седницата изјави дека ќе се повлече бидејќи според неа, не сака нејзината кандидатура да биде причина за уставна криза“, се вели во одговорот од Судот.
Мандатот на досегашниот претседател на Уставниот суд, Добрила Кацарска заврши на 2 јуни 2024 година, вчера, по што од денеска продолжи да ја извршува функцијата судија на Уставен суд.
Во одговор на новинарски прашања, од Уставниот суд велат дека во делот на работата со предмети, Судот непречено работи, прима предмети и постојните предмети тековно се работат , предметите се поделени на судии и советници.