Жештините во Индија убиле повеќе од 50 луѓе за три дена

Гласачи чекаат ред пред избирачкото место во Индија и покрај екстремно високите температури

Повеќе од 50 луѓе загинале во Индија во изминатите три дена, бидејќи бруталните топлотни бранови продолжуваат да зафаќаат делови од земјата. Околу 33 лица починале во текот на викендот во северната држава Утар Прадеш поради жештините.

„Во државата Одиша, околу 20 лица починаа од топлотен удар“, изјави официјален претставник за новинската агенција АНИ.

Многу од овие смртни случаи беа пријавени на 1 јуни кога Индија гласаше во последната фаза од гласањето за општите избори. Резултатите од изборите ќе бидат објавени на 4 јуни.

На секои пет години, општите избори се одржуваат во Индија во летните месеци април и мај. Но, годинава температурите се рекордно високи, а земјава ја доживува се почести, поинтензивни и подолги топлотни бранови.

Федералното министерство за здравство соопшти дека имало најмалку 56 потврдени смртни случаи од топлотен удар од 1 март до 30 мај. Во тој период биле пријавени околу 24 849 случаи на топлотен удар.

Сепак, податоците на државно ниво сугерираат дека реалната бројка може да биде многу поголема.

Видете и ова: Во Индија заврши последната фаза од повеќенеделните парламентарни избори

Во Утар Прадеш, неколку полицајци доброволци, претставници на избирачките места, чувари и санитарни работници беа меѓу оние кои загинаа во текот на викендот.

Навдип Ринва, главен изборен службеник, им рече на новинарите дека на семејствата на починатиот изборен персонал ќе им се даде паричен надомест од 1,5 милиони рупии (18.000 американски долари), објави Би-Би-Си. Ринва исто така рече дека еден човек кој стоел во редот за гласање се онесвестил поради жештината.

„Гласачот е пренесен во здравствена установа, каде по пристигнувањето е констатирана смрт“, рече тој.

Видете и ова: За време на гласањето во Индија од топлотен удар починале 33 членови на изборните служби

Сомнителни смртни случаи поврзани со топлина се пријавени и од државите Бихар, Мадја Прадеш и Џарканд. Индискиот национален центар за контрола на болести го нарекува топлотниот удар состојба опасна по живот со стапка на смртност од 40-64 проценти.

Топлините во северна и централна Индија и делови од западот се незапирливи во последните две недели, при што максималните температури се движат околу 45-46 степени Целзиусови последователни денови, а во некои области и до 50 степени Целзиусови.

Сепак, Индискиот метеоролошки оддел вели дека температурите најверојатно ќе се намалат во наредните денови поради почетокот на монсуните. Неколку региони се соочуваат со голем недостиг на вода и електрична енергија поради зголемената потрошувачка на електрична енергија.