Претседателот на грузискиот парламент го потпиша контроверзниот закон за „странски агенти“

илустрација

Претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили информираше дека го потпишал законот за „странски агенти“, кој предизвика неколкунеделни масовни протести и го загрози патот на кавкаската земја кон северно-атлантската интеграција.

Грузиската прозападна претседателка Саломе Зурабишвили, која стави вето на законот усвоен минатиот месец, одби да го поддржи откако и беше вратен по гласањето во парламентот.

Според уставот на Грузија, ако претседателката одби да го одобри законот откако нејзиното вето беше отфрлено од пратениците, претседателот на парламентот треба да го објави.

„Емоциите стивнаа и многу од граѓаните кои се приклучија на протестот на радикалната опозиција веќе видоа дека, всушност, законот за транспарентност ќе ја зголеми одговорноста и отчетноста на невладините организации и нивните финансиери, ќе го подобри политичкиот систем, ќе ги ослабне дезинформациите, ќе го намали радикализмот и поларизацијата“, рече Папуашвили.

Видете и ова: Грузиските невладини ќе го оспорат законот за „странски агенти“ пред уставните и европските судови

Според законот, кој беше нашироко критикуван како модел на сличен руски закон што го користи Кремљ за да го потисне несогласувањето и да ја задуши демократската опозиција, невладините организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство мора да се регистрираат како агенти на странско влијание.

Грузија го доби посакуваниот кандидатски статус за ЕУ во декември, но допрва треба да ги започне вистинските преговори за пристап, кои би можеле да траат со години. Имаше надеж дека таквите разговори би можеле да започнат подоцна оваа година, но Брисел предупреди дека законот за „странски агенти“ може да го загрози патот кон Европа.