Косово ја обвини Србија за произволно апсење на косовски државјанин

Знаме на Косово - илустративна фотографија.

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово (МПЈД) го осуди апсењето на косовски државјанин во Србија, наведувајќи дека тој е произволно уапсен и побара од меѓународната заедница да му помогне веднаш да биде ослободен.

Министерството за надворешни работи соопшти дека Канцеларијата за врски на Косово во Србија во саботата била информирана за апсењето на Тефик Мустафа на граничниот премин Мердара, поради наводни воени злосторства врз неалбанското население за време на војната во Косово во 1999 година.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиче во саботата изјави дека Мустафа ќе биде предаден на српското обвинителство за воени злосторства, додека Министерството изјави дека уапсениот „како припадник на Ослободителната војска на Косово во изјавите на сведоците бил споменат како учесник во киднапирањето на полицајци на 19.06.1999 година кај Лабјан, на патот Приштина-Гњилане.

Видете и ова: Косовската полиција тврди дека на северот биле откриени десетици српски полициски униформи

Министерството на Косово соопшти дека „најостро го осудува самоволното апсење и малтретирање на граѓаните на Република Косово и истовремено ја повикува меѓународната заедница да преземе конкретни чекори за итно ослободување на граѓанинот Тефик Мустафа“.

Министерството ја повика меѓународната заедница да побара одговорност од српската држава „за овие самоволни и деструктивни дејствија, кои се спротивни на меѓународните конвенции за човекови права“.

Се додава дека официјално ќе побара од српските власти да му дозволат на претставникот на канцеларијата на Косово во Србија, Јетиш Јашари, да го посети Мустафа, „за државата и Владата на Косово да бидат поконкретно информирани за третманот на Мустафа“.

Министерството за надворешни работи на Косово соопшти дека ги информирало земјите од Квинтa - Италија, Франција, Германија, САД и Велика Британија - и дипломатските претставништва на САД и Велика Британија и другите земји во Белград.

Во последните три години, неколку државјани на Косово беа уапсени во Србија под сомнение дека извршиле злосторства за време на војната во Косово во периодот 1998-99 година.