Израел на 2 јуни продолжи со борбите и бомбардирањето на Хамас во Појасот Газа, додека посредниците ги повикаа двете страни да се согласат на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците претставен од американскиот претседател Џо Бајден.
Откако Бајден го претстави планот во петокот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека Израел ќе ја продолжи војната што беснее од 7 октомври додека не го уништи Хамас - којшто САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, и не ги ослободи затворениците.
Самиот Нетанјаху, кој ја предводи кревката десничарска коалициска влада, на домашен терен е под силен притисок од две страни. Десетици илјади демонстранти кои бараат ослободување на заложниците повторно се собраа во саботата во Тел Авив за да го повикаат Нетанјаху да склучи договор за примирје, додека сојузниците на десничарските екстремисти се заканија дека ќе ја соборат владата доколку го направи тоа.
Видете и ова: Израел продолжи со нападите во Газа неколку часа откако Бајден го изнесе планот за прекин на огнотОпозицискиот лидер Јаир Лапид му понуди на Нетанјаху спасување со ветување дека ќе ја поддржи владата доколку постигне договор за прекин на војната што беснее речиси осум месеци.
Дотогаш борбите продолжија во Појасот Газа во текот на ноќта и во неделата. Израелската војска соопшти дека извршила повеќе воздушни напади покрај копнените борби, а палестинските власти пријавија повеќе смртни случаи.
Израелската војска соопшти дека погодила „30 терористички цели, вклучително воена инфраструктура, складишта за оружје и вооружени терористички ќелии кои претставуваат закана за копнените трупи на ИДФ (Израелските одбранбени сили)“ низ Појасот Газа.
Во врска со новиот предлог, Нетанјаху во саботата рече дека условите на Израел за завршување на војната не се променети и дека тие вклучуваат уништување на капацитетите на Хамас, ослободување на сите заложници и обезбедување дека Газа повеќе не претставува закана за Израел, додека палестинската радикална група рече дека „позитивно гледа“ на како што рече Бајден во петокот, израелскиот план.
Посредниците во разговорите за примирје САД, Катар и Египет во саботата изјавија дека „ги повикуваат и Хамас и Израел да го финализираат договорот што ги отелотворува принципите наведени од претседателот Џо Бајден“.
Бајден во петокот рече дека израелската понуда во три фази ќе започне со шестнеделна почетна фаза во која израелските сили ќе се повлечат од сите населени области на Појасот Газа и дека тоа ќе вклучи „ослободување на голем број заложници“ во замена за „стотици палестински затвореници“ кои се во израелските затвори.
Видете и ова: Бајден го повика Хамас да го прифати новиот израелски план за прекин на огнотИзраел и Палестинците потоа ќе преговараат за траен прекин на огнот, а примирјето ќе трае се додека преговорите се во тек, рече Бајден.
Нетанјаху ја оспори презентацијата на планот од Бајден, инсистирајќи дека според „точниот план предложен од Израел“, преминот од една фаза во друга е „условен“ и дизајниран да му овозможи да ги задржи своите воени цели.
Од друга страна, израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич и министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир, лидерите на двете екстремно десничарски партии во парламентот, брзо предупредија дека ќе ја напуштат владата доколку го прифати предлогот за примирје.
Лапид, поранешен центристички премиер, сепак, рече дека владата „не може да го игнорира важниот говор на Бајден“ и треба да го прифати предложениот договор, ветувајќи дека ќе го поддржи Нетанјаху доколку неговите екстремно десничарски коалициски партнери се повлечат од примирјето.
Израелскиот претседател Исак Херцог во неделата изјави дека му рекол на премиерот дека ќе му даде „целосна поддршка за договорот што ќе овозможи ослободување на заложниците“.