Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, во саботата изјави дека десетици редовни и специјални униформи на српската полиција, како и делови од униформи на косовската полиција, биле пронајдени во едно село на северот на Косово.
Во објава на Фејсбук тој наведе дека врз основа на разузнавачки информации косовските власти пронашле униформи во куќа во селото Доњи Исев во општина Лепосавиќ.
Свечља не кажа кога биле пронајдени униформите и како завршиле таму.
Тој додаде дека ова е „уште еден доказ дека безбедносните механизми на Србија биле и остануваат одговорни за обидот за дестабилизација и анексија на северот на нашата земја“.
Свечља објави дека униформите биле пронајдени околу две недели откако косовската полиција повторно запленила оружје на северот на земјата.
Видете и ова: ЕУ: Во извештајот за можно укинување на мерките за Косово вклучена и „акцијата“ на северотТензиите во северно Косово се зголемија минатата година, особено откако група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска во Звечан, при што загинаа полициски наредник и тројца напаѓачи.
Свечља потоа по нападот рече дека Косово нашло докази дека Србија се обидела да го анектира северот на Косово и дека напаѓачите долго време се подготвувале во воените бази на српската армија внатре во Србија. Србија негираше.
Набргу по нападот, одговорноста ја презеде Милан Радоичиќ, поранешниот потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби која ја ужива поддршката на официјален Белград.
Тој јавно ја прифати организацијата на нападот, но се уште е на слобода бидејќи по нападот го напушти Косово.
Од нападот во Бањска, косовските власти постојано презентираа запленето оружје во северниот дел на земјата.