Израелските сили на 1 јуни продолжија со нападите со тенкови и артилерија врз градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Израел нуди нова мапа на патот до целосен прекин на огнот.
Набргу по објавата на Бајден, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека неговата земја ќе води војна додека не ги постигне сите свои цели, вклучително и уништување на радикалната палестинска група Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.
Хамас досега изјави дека „позитивно го разгледува“ планот претставен од Бајден.
Во своето прво големо обраќање во кое го изложи планот за ставање крај на конфликтот, американскиот претседател рече дека понудата на Израел во три фази ќе започне со шестнеделна фаза во која израелските сили ќе се повлечат од сите населени области на Појасот Газа.
Тоа би значело и „ослободување на бројни заложници, вклучувајќи жени, постари лица, ранети, во замена за ослободување на стотици палестински затвореници“.
Видете и ова: Бајден го повика Хамас да го прифати новиот израелски план за прекин на огнотИзраел и Палестинците потоа ќе преговараат во текот на тие шест недели за траен прекин на огнот, но примирјето ќе продолжи додека се одвиваат разговорите, рече Бајден.
Американскиот лидер го повика Хамас да ја прифати понудата на Израел.
„Време е оваа војна да заврши, да започне следниот ден“, рече тој, по што слична изјава даде и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон.
Хамас во соопштение доцна во петокот наведе дека „позитивно гледа“ на говорот на Бајден за „траен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од Газа, реконструкција и размена на затвореници“.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во петокот ги повика своите колеги од Јордан, Саудиска Арабија и Турција да извршат притисок за договор.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш „силно се надева“ дека најновите случувања „ќе доведат до договор меѓу страните за траен мир“, изјави неговиот портпарол Стефан Дујарик.
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, рече дека понудата на Израел „нуди трошка надеж и можен излез од ќор-сокакот на војната“, додека шефицата на ЕУ Урсула фон дер Лајен го поздрави „урамнотежениот и реален“ пристап за ставање крај на крвопролевањето.
Сепак, Нетанјаху претстави различно толкување на планот претставен од Бајден во саботата, инсистирајќи дека преминот од една во друга фаза во предложениот патоказ е „условен“ и е дизајниран да му дозволи на Израел да ги задржи своите воени цели.
Видете и ова: Војните и прогонствата раселиле 114 милиони луѓе ширум светотНетанјаху во изјавата рече дека „го овластил преговарачкиот тим да претстави план за постигнување (враќање на заложниците), истовремено инсистирајќи дека војната нема да заврши додека не се постигнат сите цели“, кои вклучуваат уништување на војската на Хамас и управувачките способности, ослободубање на сите заложници и осигурувајќи дека Газа повеќе нема да претставува закана за Израел.
„Според предлогот, Израел ќе продолжи да инсистира на исполнување на овие услови пред да се воспостави траен прекин на огнот“, рече Нетанјаху, додавајќи дека „идејата дека Израел ќе се согласи на траен прекин на огнот пред да се исполнат овие услови е нешто за што не може да се преговара“.
Израел испрати тенкови и војници во Рафа на почетокот на мај, игнорирајќи ја загриженоста за безбедноста на раселените палестински цивили кои се засолниле во градот на границата со Египет.
Во саботата, жителите пријавија оган од тенкови во населбата Тал ал-Султан во западниот дел на Рафа, додека очевидци во источниот и центарот на Рафа опишаа интензивно артилериско гранатирање.
Израелската армија, исто така, го гранатираше и градот Газа на северот на палестинската територија, според репортерот на АФП.
Пред да започне офанзивата на Рафа, Обединетите нации соопштија дека до 1,4 милиони луѓе кои побегнале од израелските операции нашле засолниште во градот.
Оттогаш, еден милион ја напуштиле областа, соопшти агенцијата на ОН за палестински бегалци, УНРВА.
Израел го зазеде граничниот премин Рафа, дополнително забавувајќи ја спорадичната испорака на помош за 2,4 милиони жители на Газа и ефективно затворајќи ја главната излезна точка на територијата.
Светската програма за храна соопшти дека секојдневниот живот станал „апокалиптичен“ во делови од јужна Газа откако Израел започна напад врз Рафа на почетокот на мај.
Војната во Газа беше предизвикана од нападот на Хамас врз јужниот дел на Израел на 7 октомври, кога, според израелските податоци, беа убиени околу 1.200 луѓе, а дека околу 250 биле киднапирани. Во последната израелска офанзива, според тоа, убиени се најмалку 36.200 луѓе, наведуваат здравствените власти во Газа под контрола на Хамас.