Русија таргетира енергетска инфраструктура во нови напади врз Украина

Дробишеве, село во делот на источниот регион Доњецк под контрола на Украина, претрпе штета во руското гранатирање на 31 мај.

Енергетска инфраструктура е оштетена во пет региони низ Украина од најновиот руски напад со проектили и беспилотни летала, соопштија украинските власти на 1 јуни.

Оштетени се енергетските капацитети во источниот дел на Доњецк и југоисточните региони Запорожје и Дњепропетровск, како и во централниот регион Кироворад и западниот Ивано-Франковск, соопшти украинскиот оператор на електричната мрежа Укренерхо.

„Утринава Русите извршија нов напад врз украинските енергетски капацитети. Од март ова е веќе шести масивен, комплексен напад со проектили и беспилотни летала против цивилна енергетска инфраструктура“, рече Укренерхо.

Видете и ова: Блинкен потврди дека Бајден одобрил Украина да користи оружје на САД за напади во Русија

ДТЕК - најголемата украинска приватна компанија за производство на енергија, соопшти дека за време на нападот биле погодени две нејзини термоелектрани, а дека опремата била „сериозно оштетена“. Компанијата не прецизираше каде биле тие објекти.

Русија го зголеми своето бомбардирање на украинската цивилна енергетска инфраструктура од март, уништувајќи голем дел од топлинскиот и хидроенергетскиот капацитет на земјата, предизвикувајќи прекини на струја и туркајќи го увозот на електрична енергија на рекордно високо ниво.

Претходно, украинските воздухопловни сили објавија дека противвоздушната одбрана соборила 35 од 53 руски ракети и 46 од 47 беспилотни летала.

„Руските терористи не се откажуваат од намерата да го уништат секторот за гориво и енергија во земјата. Воздухопловните сили и одбранбените сили на Украина прават се што е можно за да го спречат непријателот да ги постигне своите цели на секој дел од фронтот“, изјави командантот на силите, генерал Микола Олешчук.

Регионалните власти известија дека пожарникарите гаснат пожари на неколку локации по нападите. Засега нема информации за жртви.

Видете и ова: Столтенберг: Украина има право да гаѓа мети на територијата на Русија

Новите руски напади доаѓаат два дена откако американскиот претседател Џо Бајден ѝ даде дозвола на Украина да користи американска муниција за да напаѓа внатре во Русија со ограничена цел да го брани Харкив.

Во изјава за РСЕ на 31 мај во Прага на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека промената во политиката е „легитимна“.

Досега, украинските сили не беа во можност да ги нападнат руските сили што се собираат на руска територија со оружје што го снабдува Западот, поради загриженоста на САД и некои други западни сојузници на Украина дека тоа ќе ја ескалира војната.

„Правото на самоодбрана го вклучува и правото да се напаѓаат цели на територијата на агресорот. И токму тоа Украина мора да може да го направи“, рече Столтенберг.