Од 24 до 30 мај пријавени се 30 нови случаи на пертусис односно голема кашлица во Северна Македонија. Заклучно со 30 мај, регистрирани се вкупно 661 случај на голема кашлица, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен на 31 мај.
Во однос на регионот, најголем дел од новите 30 случаи, се пријавени во Скопје - 21 и во Куманово - три, а пријавени се и четири случаи од Тетово и по еден од Прилеп и Кратово. Возраста на заболените се движи од еден месец до 77 години. Најголем број случаи се деца под една година.
Дистрибуцијата по пол покажува дека 311 лица се од машки, а 350 од женски.
Видете и ова: Големата кашлица „тргна“ од Скопје кон другите градовиСè уште најголем број заболени лица се регистрирани на територија на Скопје - 79,9 отсто, а случаи се регистрирани и во 18 други градови низ државата.
„Од вкупниот број регистрирани случаи - 661, 400 односно 60,5 отсто не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста, или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просек на поминато време од последната доза вакцина до заболување изнесува 12,6 години“, појаснуваат од ИЈЗ.
Од 18 јануари до 30 мај, дадени се вкупно 49.934 дози вакцина против голема кашлица.