Стручниот колегиум на Кардиохирургија контра министерот Демири

Министер за здравство Илир Демири

Стручниот колегиум од ЈЗУ УК за државна Кардиохирургија реагира на изјавата на министерот за здравство Илир Демири, оценувајќи дека тој „лиферувал безброј лаги, шпекулации и невистини во врска со долгогодишното работење на Клиниката за кардиохирургија“.

Демири во гостувањето на ТВ Телма демантираше дека е политичка пресметка разрешувањето на директорот на Државната кардиохирургија и рече дека таму ситуацијата е многу сериозна и оти треба да се донесе квалитетен експерт од странство кој ќе ги едуцира младите кадри.

„Дали е целта да се направи дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми во здравството, со што се доведуваат во општа опасност животот и здравјето на граѓаните? Имено, командната одговорност за нефункционирањето на хируршкиот блок на Клиничкиот центар, кој претставува срцето на здравствениот систем, е во рацете на човекот, за чија стручност и професионалност сите беа информирани, кога како раководител на ковид-центарот во време на пандемија, Македонија заврши на неславното четврто место во Европа и шесто место во светот по бројот на смртни случаи“, наведуваат од стручниот колегиум во реакцијата.

Според соопштението, „со злоупотреба на својата позиција како министер, се служи со секакви методи познати во некои други општествени уредувања за да дисциплинира исклучителни професионалци“.

Од Клиниката велат дека тој го доведува во прашање кредибилитетот на образовниот систем, Медицинскиот факултет и на сите професионални здруженија на лекари.

Видете и ова: Шокаровски: Не е точно дека е зголемена смртноста на Кардиохирургија

Претходно, министерот за здравство Илир Демири на прес-конференција објави дека го разрешил Марјан Шокаровски од функцијата медицински директор на Клиниката за кардиохирургија. Демири рече дека на тоа се одлучил по информациите за поголема смртност на оваа Клиника и поради податокот дека 170 пациенти не се регуларно внесени во системот „Мој термин“.

Шокаровски возбрати дека неговото разрешување е незаконско, бидејќи во техничка Влада, не може ниту да се именуваат, ниту да се разрешуваат директори. Тој нагласи дека не се точни наводите дека смртноста на Кардиологија се зголемила откако тој е назначен за директор, туку напротив таа била намалена. Обвинувањата кон него ги нарече оркестриран напад.