Во СДСМ денеска (31 мај) почнува постапката за вонредни внатрепартиски избори за нов претседател на партијата. За 9 јуни, недела, е закажан Конгресот на која ќе се анализираат причините за изборниот резултат, а Централниот одбор на партијата предложил и измени на Статутот на партијата за мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години.
Официјално досега нема пријавени, но за неколкумина членови на партијата се знае дека би можеле да се кандидираат. Славјанка Петровска, пратеничка и министерка за одбрана потврди дека ќе се кандидира за претседател, а такви амбиции во јавноста покажа и Стефан Богоев, актуелен директор на Царинската управа, но тој не потврди дека ќе се кандидира. Потенцијални кандидати би можеле да бидат и Јово Деспотовски, директор на ТИРЗ и поранешниот министер за здравство Венко Филипче.
Видете и ова: Лидерски амбиции во СДСМ има, но сè уште се тактизираСДСМ денеска соопшти дека Централниот одбор на патијата на вчерашната седница усвоил Правилник за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на претседател за вонредните избори, како и Правилникот за начинот и постапката за активна регистрација за членови на СДСМ.
Вонредните внатрепартиски избори ќе се одржат на 30 јуни.
Претстојните ќе бидат трети внатрепартиски избори на кои претседателот на СДСМ ќе се бира со непосредно гласање на членството. По нивното воведување, првите се одржаа во март 2021 кога Заев доби нов мандат. Меѓутоа, за помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври во 2021 година.