Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица поврзани со двојното убиство на четиринаесетгодишното девојче Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес. Тројцата од обвинетите се гонат за делата: убиство и грабнување, кои се казниви според Кривичниот законик.
Таткото на девојчето (А. Ѓ) е обвинет за помагање во кривичното дело- Грабнување од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач.
Од ОЈО информираат дека обвинителниот акт се темели на вербални и материјални докази во однос на дејствијата на обвинетите, но со оглед на тоа што постапката против првоосомничениот кој неодамна беше екстрадиран од Република Турција продолжува, јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на доказниот материјал.
Видете и ова: Финишира истрагата за Палчо за убиството на 14-годишната ВањаПостапката продолжува и против уште едно лице кое е осомничено дека му помогнало на првоосомничениот по извршувањето на кривичното дело така што му овозможило превоз при бегството до Република Турција. За тоа лице на сила се претходно определените мерки на претпазливост.
Првоосомничен во случајот е Љупчо Палевски-Палчо кој на 15 мај со авион беше екстрадиран од Турција во Северна Македонија. Тој беше директно беше однесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари бидејќи имаше определен 30-дневен притвор. Подоцна беше изнесен пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд кој му определи уште 30 дена притвор.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември 2023 година.