Украина може да победи во својата битка да ги одбие руските сили со „силна поддршка“ од нејзините сојузници, рече шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, додека министрите за надворешни работи од 32-те земји-членки на воената алијанса се собраа во Прага за да разговараат за нова рамка за воена помош за Киев.
На собирот на НАТО во чешкиот главен град, на кој присуствува и американскиот државен секретар Антони Блинкен, ќе се разговара за пакетот помош за Украина што ќе биде претставен на самитот на НАТО во Вашингтон во јули.
Говорејќи пред состанокот на 30 мај, Столтенберг рече дека е време земјите што обезбедуваат воена помош за Киев да разговараат за ограничувањата поставени на Киев пред повеќе од две години, кога Москва првпат ја започна својата целосна инвазија.
Видете и ова: Министрите на НАТО разговараат за натамошна помош за КиевВо последниве месеци, Русија започна со воздушни и копнени напади против Украина, која се бореше со недостиг на муниција. Киев се заложи за забрзување на испораката на муниција и, исто така, побара да му биде дозволено да користи оружје со поголем дострел, кое доаѓа со ограничувања за нивната употреба на руска територија.
„Сојузниците и даваат многу различни видови воена поддршка на Украина и некои од нив воведоа одредени ограничувања за употребата на ова оружје. Тоа се национални одлуки“, рече Столтенберг во говорот одржан во Прага.
Пред почетокот на дводневниот неформален состанок на Алијансата во Прага, Русија започна напад од големи размери утрината на 30 мај, чија цел беше воената и цивилната инфраструктура во девет украински региони, предизвикувајќи жртви и штети.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека ги собориле сите 32 беспилотни летала и седум од 19-те крстаречки ракети лансирани од Русија. Ракетите и беспилотните летала се соборени над регионите Хмелницки, Дњепропетровск, Черкаси, Кировохрад, Запорожје, Одеса, Херсон, Киев и Винџија, соопшти воздухопловството.