Актуелниот градоначалник на Гостивар Арбен Таравари вели дека сè уште нема донесено дефинитивна одлука за тоа дали ќе остане на оваа функција или ќе земе министерска. Вели дека својата одлука ќе ја објави во понеделник.
Според него доколку треба да се оди на предвремени избори за градоначалник нема да ја прифати министерската функција.
Вели дека не би било праведно кон граѓаните повторно да одат на избори. Ова го изјави Таравари на прашањето што го спречува да влезе во идниот владин кабинет.
„Дилемата е дали вреди да се оди за една година двапати на избори? 35.000 луѓе во Гостивар да излезат да гласаат во ноември оваа година и во октомври следната година, мислам дека е нечесно. Така што, ако остане актуелниот Закон за локална самоуправа, јас ќе останам тука. Единствената причина што ме колеба е таа дека не би сакал граѓаните да ги малтретираме за неполна година двапати да излезат да гласаат, изјави Таравари по средбата со австрискиот амбасадор Мартин Памер.
Видете и ова: Ќе се избегнат ли предвремени избори за градоначалници?Доколку стане министер, напомена дека би требало да го замени еден од советниците во општината, но смета дека претседавачот на Советот, Ваљбон Лимани е добро решение за да продолжи. Инаку неговото име се споменува како можно решение за Министерството за здравство.
Инаку во Законот за локална самоуправа до распишување на нови избори сега е предвидено дека општинскиот совет треба да избере в.д. градоначалник од сопствените редови.
Претходно во неделното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), што ќе се емитува во недела (2 јуни) новоизбраниот претседател на Собранието Африм Гаши, рече дека меѓу првите точки што ќе се најдат на дневен ред пред новиот парламентарен состав ќе бидат законски измени со кои ќе се реализира планот за воведување нови и трансформација на постоечките министерства.
„Сега сме исправени пред предизвикот да имаме носители на општините кои ќе се изберат за пет, шест месеци и после за седум, осум месеци пак да има избори. Мислам дека не е во ред и спротивно е на Уставот некој да се избере со четиригодишен мандат, а некој да се избере со исти гласови на избори со мандат од осум месеци. Мислиме дека е неуставно и треба да се поправи со закон кој ќе овозможи тоа да биде можно“, вели Гаши за РСЕ.
За измени на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство. Преговорите за придобивање на нови пратеници во новото владејачко мнозинство се во тек, како и разговорите за влада.