Гаши: Употребата на албанскиот јазик во службена комуникација е загарантирана со Уставот

Африм Гаши, претседател на Собрание на РСМ

Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши реагираше по претставката на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ за заклетвата што ја даде прво на албански јазик, па на македонскиот јазик.

Од Кабинетот на Гаши велат дека употребата на албанскиот јазик во службената комуникација е загарантирана со Уставот.

„Претседателот на Собранието го остварува правото на употреба на албанскиот јазик во службената комуникација, што е загарантирано со Уставот, важечките закони и прописите на Собранието. Ова законско право ќе го остварува во текот на целиот мандат. Спикерот Гаши се залага сите собраниски процедури, согласно правата и обврските кои произлегуваат од законите, да го почитуваат и унапредуваат нашето мултикултурно општество“, се вели во реакцијата.

Видете и ова: Конституиран новиот парламентарен состав, Гаши избран за претседател на Собранието

Пратеничката на СДСМ и министерка за култура во заминување Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера соопшти дека поднела претставка до Секторот за инспекција при Министерството за култура против новиот претседател на Собранието Африм Гаши поради тоа што заклетвата прво требало да ја прочита на македонски, а потоа и на албански јазик.

Според неа не може и не смее да се премолчи скандалозно дадената свечена заклетва, од, првиот човек на македонското Собрание.