Министрите за надворешни работи од 32-те земји-членки на НАТО се собраа на 30 мај за да разговараат за нова рамка за воена помош за Украина, додека земјата опустошена од војната се бори да се справи со бранот руски напади врз цивилни цели и напредокот на московските сили во североисточниот регион Харкив.
Пред почетокот на дводневниот неформален состанок на Алијансата во Прага, Русија започна напад од големи размери утрината на 30 мај, чија цел беше воената и цивилната инфраструктура во девет украински региони, предизвикувајќи жртви и штети.
На собирот на НАТО во чешкиот главен град, на кој ќе присуствува и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, треба да се разговара за пакетот помош за Украина што ќе биде претставен на самитот на НАТО во Вашингтон во јули.
Закажани се разговори за планот што во април го претстави шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, за рамка со која одговорноста за воената и цивилната помош за Украина би се префрлила од неформална група предводена од САД на формалните структури на Алијансата.
Министрите, исто така, најверојатно ќе дебатираат дали да му се дозволи на Киев да користи оружје обезбедено од Запад за да напаѓа цели во Русија. Соединетите Држави и Германија беа против да се дозволи таков потег, додека Британија и Франција беа согласни.
Видете и ова: Украина одбила голем руски воздушен нападСтолтенберг и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, исто така, го изразија своето одобрување да и се дозволи на Украина да користи западно оружје за да ги погоди воените цели на руска територија под одредени услови.
Во североисточниот град Харкив, руски проектили погодија две локации, при што беа ранети седум лица, од кои шест жени, објави регионалниот гувернер Олех Синјехубов.
Харкив, вториот по големина град во Украина, се наоѓа на само 35 километри од руската граница и постојано е под артилериски и воздушни напади на Москва во текот на изминатите неколку недели, бидејќи осиромашената воздушна одбрана и муниција на Украина се соочуваат со зголемени тешкотии во одбивањето на таквите напади.
Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, претходно изјави дека критичната инфраструктура, вклучително и гасоводот, била оштетена во нападите кои исто така предизвикале пожар.
Одделно, украинските воздухопловни сили соопштија дека ги собориле сите 32 беспилотни летала и седум од 19-те крстаречки ракети лансирани од Русија. Ракетите и беспилотните летала се соборени над регионите Хмелницки, Дњепропетровск, Черкаси, Кировохрад, Запорожје, Одеса, Херсон, Киев и Винџија, соопшти воздухопловството.