Претреси во Европарламентот поради руско мешање во европските избори

илустрација

Белгиските истражители извршиле претрес во просториите на Европскиот парламент во Брисел и Стразбур, како дел од истрагата за руското мешање во европските избори, потврдија властите во Белгија на 29 мај.

Како што пренесуваат медиумите во Белгија, извршени се претреси во канцеларијата на соработник во Европскиот парламент во Брисел, како и во неговата куќа во бриселската населба Скарбек.

Претресот во францускиот град Стразбур, како што пренесуваат тамошните медиуми, е извршен по барање на белгискиот истражен судија и во соработка со Агенцијата на Европската унија за соработка во областа на кривичната правда (Евројуст), како и француски правосудните органи.

Овој претрес е извршен во канцеларијата на истиот соработник на Европскиот парламент. Иако нема информации за кој „соработник“ станува збор, некои медиуми напоменуваат дека се работи за лице кое е вработено во кабинет на претставник од крајнодесничарската партија.

Претресите се поврзани со таканаречениот случај „Порта Русија“, каде членовите на Европскиот парламент биле платени да промовираат руска пропаганда преку веб-страницата „Гласот на Европа“.

„Постојат индиции дека дотичниот функционер на Европскиот парламент одиграл значајна улога во ова“, рекоа белгиските органи за спроведување на законот.

Видете и ова: ЕУ забрани уште четири руски медиуми поради ширење пропаганда

Овој медиум беше санкциониран од Европската Унија во последниот пакет рестриктивни мерки што беше усвоен во мај. Белгискиот премиер Александар де Кроа претходно потврди дека белгиското федерално обвинителство отворило истрага за руското мешање во Европскиот парламент.

Ова дојде откако чешките разузнавачки служби открија постоење на мрежа финансирана од Москва која шири проруска пропаганда преку веб-страницата „Глас на Европа“.

На територијата на ЕУ во периодот од 6 до 9 јуни се одржуваат избори за новиот состав на Европскиот парламент. Повеќе од 400 милиони граѓани ќе избираат свои претставници во оваа институција.

Резултатот од овие избори ќе се одрази во назначувањето на шефовите на институциите на ЕУ, односно Европската комисија, Европскиот совет и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика.

Нив ги поставуваат лидерите на земјите членки на ЕУ, а назначените раководители на институции ќе бидат од партиите кои добиле најмногу гласови на европските избори.

Видете и ова: Заканата од дезинформации во „супер изборната година“ во Европа

Освен изборите за институциите на ЕУ, оваа година во некои земји членки се одржуваат или веќе се одржани национални избори, а 2024 година е изборна и во Соединетите Држави, што е исто така важно за трансатлантските односи. Институциите на ЕУ прават се за да се борат против кампањата за дезинформации што доаѓа од Русија со цел да се влијае на изборниот резултат.

Според сите анкети, десничарските партии ќе доживеат пораст, а традиционалните партии од десниот центар и левиот центар ќе загубат пратенички места, иако се смета дека тие сè уште ги држат првите позиции, иако со послаби резултати.