Моето разрешување е незаконско, бидејќи во техничка Влада, не може ниту да се именуваат, ниту да се разрешуваат директори, изјави доктор Марјан Шокаровски, на денешната прес-конференција на ЈЗУ Универзитетска клиника за државна кардиохирургија, нагласувајќи дека не се точни наводите дека смртноста на Кардиологија се зголемила откако тој е назначен за директор, туку напротив таа била намалена.
Неговото разрешување и тврдењата на министерот за здравство Илир Демири дека се поголем број пациенти на кардиологија умираат, Шокаровски ги смета за оркестриран напад со цел да се уништи државната кардиохирургија.
„Ги повикувам институциите најитно да реагираат. Дополнително министерот за здравство го разреши координаторот за развојот на кардиоваскуларната хирургија при министерството за здравство, Александра Ефтимова. Истовремено и го раскина договорот на координаторот за срцевата трансплантација при Министерството. Оттука се наметна нашето прашање, дали се работи за оркестриран напад против државната кардиохирургија, а со тоа и напад на јавното здравство. Која е потребата на министерот во заминување да направи вакво пореметување на една успешна приказна? Кому тоа му одговара?, праша тој.
Според него, членовите на комисијата кои се назначени од министерот да ја анализираат работата на Клиниката и да ги толкуваат бројките, се доктори кои немаат никаков контакт со кардиохирушки пациенти, ниту пак практично искуство во кардиохирургијата.
Тој тврди дека на клиниката постои тренд на намалување на смртноста низ месеците.
„Последните 5 месеци покажуваат дека нашата смртност е пониска од предвидената, подобри сме од она што се очекува“, истакна Шокаровски.
Видете и ова: Хаваријата на Хируршки клиники може да го крахира здравствотоОбвинувањата за 170 фантомски пациенти кои не постојат во системот, Шокаровски исто така ги демантираше.
„Најостро ја демантираме оваа невистина. Всушност нашата анализа и контакти со мој термин, покажаа дека постои техничка грешка во пренесувањето на информациите од софтверската програма која ние ја користиме за евиденција на пациентите до мој термин. Дел од пациентите кои се третирани на нашата клиника, нивните отпусни писма не се пренесени во мој термин поради овој софтверски пропуст. Тоа не значи дека овие пациенти се скриени, или фантомски или избришани, како што тврди министерот. Сите тие имаат уредни, детални отпусни писма, што секако може да се провери“, рече тој.
Прашан дали од новиот министер за здравство очекува подобри услови за работа, рече дека очекува, како и подобри политики во кардиоваскуларната хирургија.
Пред два дена министерот за здравство Илир Демири на прес-конференција објави дека го разрешил Шокаровски од функцијата медицински директор на Клиниката за кардиохирургија. Демири рече дека на тоа се одлучил по информациите за поголема смртност на оваа Клиника и поради податокот дека 170 пациенти не се регуларно внесени во системот „Мој термин“.