Белорускиот лидер Александар Лукашенко потпиша декрет за суспендирање на учеството на Белорусија во договорот со кој се ограничува распоредувањето на конвенционалните сили во Европа, потег што Русија веќе го направи.
Указот потпишан на 24 мај беше објавен во среда (29 мај) на официјалната веб-страница на владата на поранешната советска држава која граничи со Русија и Украина.
Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа, кој првпат беше потпишан од НАТО и Варшавскиот пакт при крајот на Студената војна во 1990 година, го ограничува бројот на тенкови, борбени авиони и друга воена опрема што може да се распореди меѓу Атлантикот и Урал.
Белорусија, иако не е директно вклучена во конфликтот во Украина, беше домаќин на руските трупи додека Москва се подготвуваше да започне инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Од спорните избори во 2020 година на кои Лукашенко доби нов претседателски мандат, Белорусија се приближи до Русија, која обезбедува финансиска, воена и дипломатска поддршка на режимот на Лукашенко.
Видете и ова: Русија официјално се повлече од Договорот за ограничување на вооружувањето
Договорот од 1990 година, кој беше преговаран и склучен на крајот на Студената војна и потпишан една година по падот на Берлинскиот ѕид, постави ограничувања на распоредувањето на воена опрема за одржување на воената рамнотежа меѓу НАТО и земјите од тогашниот Варшавскиот пакт.
Русија го суспендираше своето учество во договорот во 2007 година и го прекина активното учество во 2015 година.
Русија тврдеше дека тие земји барале повлекување на руските сили од сепаратистичкиот регион Придњестровје во Молдавија и делови од Грузија како услов за ратификација на новата верзија.
Во 2008 година, Москва испрати војници во грузиските региони Абхазија и Јужна Осетија.
Рускиот претседател Владимир Путин официјално го потпиша повлекувањето на Русија од договорот во мај 2023 година.