Ставот на Шпанија за признавање на независноста на Косово од Србија останува непроменет, соопшти шпанското Министерство за надворешни работи во вторник, 28 мај, по објавувањето на одлуката Мадрид да ја признае палестинската држава.
Од Министерството за надворешни работи на Шпанија за РСЕ посочија дека двете ситуации се многу различни.
„Признавањето на државата Палестина не влијае на територијалниот интегритет на Израел, бидејќи оваа територија никогаш легално не била дел од државата Израел“, рече портпаролката на министерството Елена Алјарила Кортезон во одговор за РСЕ.
„Одлуката на Шпанија да ја признае државата Палестина има за цел да го поддржи меѓународното право, принципите на Повелбата на Обединетите Нации (ОН) и резолуциите на Советот за безбедност на ОН“, додаде Алјарила Кортезон.
Шпанија им се придружи на Ирска и Норвешка на 28 мај во официјалното признавање на палестинската држава. Израел ја критикуваше одлуката, карактеризирајќи ја како „награда“ за Хамас, кој беше прогласен за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
Повеќе од 140 земји од вкупно 193 во Генералното собрание на ОН сега ја признаа Палестина како независна држава.
Видете и ова: Санчез: Признавањето на палестинската држава е суштинско за мирШпанија, Ирска и Норвешка истакнаа дека веруваат оти нивната иницијатива има силно симболично влијание што веројатно ќе ги охрабри другите да го следат примерот.
„Признавањето на државата Палестина не е само прашање на историска правда, со легитимни аспирации на палестинскиот народ, туку е и императив за постигнување мир. Тоа е единствениот начин да се реализира решението што сите го препознаваме како единствено можно за постигнување на мир - палестинска држава која коегзистира заедно со државата Израел во мир и безбедност“, рече шпанскиот премиер Педро Санчез на 28 мај.
Од друга страна, Косово ја прогласи својата независност од Србија во 2008 година. Србија, Русија и Кина се меѓу оние кои одбиваат да го признаат, заедно со дел од земјите-членки на ЕУ, како што се Шпанија, Грција, Кипар, Романија и Словачка.
Прашањето за признавањето на Косово од страна на Шпанија во светлината на нејзиното признавање на Палестина се појави на состанокот на министрите за надворешни работи на 27 мај во Брисел.
Видете и ова: Парламентарното собрание на НАТО одобри унапредување на статусот на КосовоПоранешниот амбасадор на Шпанија во Белград, Раул Бартоломе Молина, минатата година, непосредно пред Мадрид да го преземе претседавањето со Европската Унија, изјави дека ставот на неговата земја е да не ја признава независноста на Косово, истовремено поддржувајќи ги напорите на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.
„Оваа позиција не се промени, ниту ќе се промени, а сите наши партнери многу добро го знаат тоа“, рече Бартоломе на 30 јуни 2023 година.