Грузиските пратеници го одобрија отфрлањето на ветото на претседателката Саломе Зурабишвили за таканаречениот закон за „странски агенти“, што ги налути демонстрантите собрани пред зградата на парламентот, а воедно и го го загрози патот на земјата кон Европската Унија.
Владејачката партија Грузиски сон, како што се очекуваше, ги имаше потребните гласови за отфрлување на претседателското вето во вторникот, на 28 мај. Заедно со нејзниот партнер во Владата, партијата Демократска Грузија, имаат 84 од 150-те места во комората. За да се отфрли ветото пак беа потребни 76 гласа, кои ги обезбеди владејачкото мнозинство.
Отфрлувањето на ветото на законот за „странски агенти“, доаѓа и покрај апелите во последен момент од Европската Унија и неколку земји-членки до грузиските пратеници да не го отфрлаат ветото на законот кој често се нарекува „руски закон“ и тоа поради неговата сличност со законодавството наметнато од Кремљ, а со цел да се замолчи опозицијата и правото на слободен говор.
Законот сега се враќа кај претседателката Зурабишвили за да биде потпишан. Доколку таа одбие, претседателот на парламентот, членот на Грузискиот сон, Шалва Папуашвили, може да го потпише законот и да го објави.
Стотици претежно млади демонстранти го следеа гласањето пред зградата на Парламентот од каде извикуваа - „Нема руски закон!“, "Робови!", додека вееја грузиски и знамиња на Европската Унија.
Законот ќе бара од граѓанското општество и медиумските организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од финансирањето од странски извори, да подлежат на надзор кој би можел да опфати санкции за сè уште недефинирани кривични дела.
Видете и ова: Грузискиот парламент одлучува дали ќе го отфрли ветото на претседателката на законот за „странски агенти“Критичарите велат дека законот е воведен од партијата Грузиски сон, основана од грузискиот тајкун, пријателски настроен кон Русија, Бидзина Иванишвили, со цел да се зацврсти контролата на партијата на власт пред изборите подоцна оваа година, кои се сметаат за клучни за евроатлантскиот пат на Грузија.
Грузиски сон инсистираше на тоа дека останува посветена на приклучувањето кон западните институции и дека законот треба само да ја зголеми транспарентноста за финансирањето на невладините организации.
Граѓанското општество во Грузија со години се обидува да ја оддалечи земјата од влијанието на Русија, која сè уште има илјадници војници во Јужна Осетија и Абхазија, два отцепени грузиски региони кои Москва ги призна како независни држави по петдневната војна со Тбилиси во 2008 година.
И Соединетите Американски Држави и Европската Унија го предупредија Грузискиот сон дека игнорирањето на критиките и насилното сузбивање на демонстрантите ќе има негативни последици.
Грузија го доби посакуваниот статус на земја-кандидат за ЕУ во декември, но допрва треба да ги започне вистинските преговори за пристап, кои би можеле да траат со години. Имаше надеж дека таквите разговори би можеле да започнат подоцна оваа година, но Брисел предупреди дека законот за „странски агенти“ може да го загрози патот кон Европа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Претседателите на парламентите од седум земји-членки на ЕУ - Чешка, Естонија, Летонија, Литванија, Франција, Холандија и Полска, вчера, на 27 мај објавија заедничка изјава во која ги повикаа грузиските пратеници да го укинат овој закон.
Во изјавата упатена до Папуашвили се вели дека неодамнешните случувања во Грузија се „вознемирувачки“ и дека активностите на грузиската влада се во спротивност со вредностите и принципите што Грузија се обврза да ги почитува.
„Духот и содржината на Законот за странска транспарентност усвоен од Парламентот на Грузија се некомпатибилни со европските норми и вредности. Законот како што е сега има за цел да ги замолчи медиумите и граѓанските организации кои играат витална улога во едно демократско општество и се инструментални во помагањето на Грузија на нејзиниот пат кон ЕУ“, се вели во соопштението.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, на 27 мај рече дека блокот почнал да ги разгледува опциите доколку Грузија го усвои законот. Тој рече дека одлуката ќе биде донесена следниот месец.
Грузискиот омбудсман Леван Јоселиани, исто така, на 27 мај предупреди дека на законот му се потребни измени за да се ограничи штетата што ќе ја донесе на граѓанското општество.