Продолжен притворот на адвокатите на Навални

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални (Илустративна фотографија)

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални (Илустративна фотографија)

Судот во Москва во вторникот, 28 мај, 2024 година, им го продолжи притворот на тројцата адвокати на Алексеј Навални, противник на Кремљ, пренесува АФП.

Нивниот притвор беше продолжен за уште три месеци, до август 2024 година. Навални почина во февруари во затвор на рускиот Арктик, под неразјаснети околности.

Адвокатите Вадим Кобзев, Алексеј Липстер и Игор Сергунин беа уапсени минатата година и се соочуваат со обвиненија за „учество во екстремистичка група“ поради пренесување пораки меѓу Навални и надворешниот свет.

Агенцијата потсетува дека им се заканува казна затвор од шест години доколку бидат осудени.

„Ние сме обвинети дека му пренесуваме информации на Навални, а тоа повеќе не му треба. Тој е мртов“, ја цитираат независните медиуми изјавата на Кобзев пред судот.

Видете и ова: Приведен уште еден руски новинар поради наводна соработка со тимот на Навални

Адвокатите побараа да бидат пуштени во домашен притвор до судењето.

Повеќето соработници на Алексеј Навални се во егзил во странство, а некои се осудени на долги затворски казни во Русија.

Навални беше обвинет за екстремизам и почина додека служеше затворска казна од 19 години.

Тој тврдеше дека обвинувањата против него се политички мотивирани.