И Ирска го призна постоењето на палестинската држава

Протест на солидарност со Палестинците во Газа, Мадрид, Шпанија, 18 мај 2024 година.

По Шпанија и Норвешка, денеска, 28 мај, и Ирска официјално го призна постоењето на палестинската држава и тоа во координирана одлука меѓу трите земји, која пак, Израел ја карактеризираше како „награда“ за Хамас, повеќе од седум месеци по разорната војна во Газа.

Трите европски земји веруваат дека нивната иницијатива има силно симболично влијание што веројатно ќе ги охрабри другите да го следат примерот.

Откако владата на Ирска формално ја одобри мерката, премиерот Сајмон Харис рече дека целта е да се одржат живи надежите за мир на Блискиот Исток.

„Сакавме да ја признаеме Палестина кон крајот од мировниот процес. Сепак, го направивме овој потег заедно со Шпанија и Норвешка за да го одржиме чудото на мирот жив“, рече тој во изјавата, повикувајќи го Израел „да ја запре хуманитарната катастрофа во Газа“.

Видете и ова: Во Норвешка стапува на сила признавањето на Палестина како држава

Како што стапи на сила признавањето на Палестина од страна на Осло, министерот за надворешни работи, Еспен Барт Еиде, го поздрави потегот како „посебен ден за односите меѓу Норвешка и Палестина“.

И откако шпанскиот кабинет го поддржа потегот, министерот за надворешни работи, Хозе Мануел Албаре, рече дека тоа е ден кој ќе биде „впишан во историјата на Шпанија“.

Претходно, шпанскиот премиер Педро Санчез рече дека признавањето е „суштинско“ за мирот и стабилноста во тој регион, инсистирајќи дека потегот „не е против никого, а најмалку против Израел“, како и тоа дека ова е „единствениот начин за побрз крај на војјната“.

Досега пак околу 140 земји веќе ја признаа палестинската држава, што е повеќе од две третини од земјите-членки на Обединетите Нации.