Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, сè уште нема изготвено извештај поврзан со можноста за укинување на мерките против Косово.
Официјални лица од неговиот кабинет потврдуваат дека во извештајот ќе биде опфатена и минатонеделната операција на косовските власти, кога полицијата затвори шест објекти на Банката на Пошта и Народната банка на Србија, во четири општини на северот на Косово, каде што живеат најмногу Срби.
Петер Стано, портпарол на ЕУ, потврди дека неодамнешните настани исто така ќе бидат составен дел од извештајот на Борел.
„Воведени се мерки за да се мотивираат косовските власти да работат на деескалација на ситуацијата. Се разбира, сè што се случува на терен, што има негативно влијание врз напорите за деескалација, е евидентирано и вклучено во извештајот“, кажа Стано.
Според добро упатени европски извори, извештајот на Борел треба да биде завршен најдоцна до крајот на мај. Се очекуваше извештајот да содржи препорака за укинување на мерките, а единствено непознато беше дали тие ќе бидат целосно или постепено укинати.
Според овие извори, операцијата на северот од минатиот понеделник доведе до одложување на финализирањето на извештајот, за да се земат предвид овие постапки на косовските власти.
Видете и ова: Стејт департментот разочаран од полициската акција на северот на КосовоПоголемиот дел од земјите-членки на Европската Унија, на крајот на април, веднаш по гласањето за отповикување на градоначалниците, се изјаснија за укинување на мерките против Косово.
Тоа беше причината што тие побараа од шефот на европската дипломатија да го подготви споменатиот извештај, а неговите препораки во извештајот ќе послужат како основа за враќање на ова прашање на дневен ред и разгледување на можноста за укинување на мерките.
ЕУ воведе казнени мерки против Косово во јуни 2023 година по насилствата на крајот на мај на северот од таа земја, кога избраните градоначалници од албанска националност влегоа во општинските згради и ја презедоа функцијата.
Видете и ова: Од ЕУ велат дека мерките против Косово остануваат на силаТие беа избрани на изборите во април 2023 година, откако Србите ги напуштија косовските институции на крајот на 2022 година, во знак на незадоволство од одлуката за регистарски таблички на Владата на Косово.
Изборите во 2023 година беа бојкотирани од Српската листа и локалното српско население.
Ситуацијата ескалираше на 29 мај во Звечан, по судирот меѓу демонстрантите и членовите на Мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР). Косовските власти редовно ја повикуваат ЕУ да ги откаже овие мерки бидејќи сметаат дека ја исполниле обврската од договорот со Унијата за намалување на тензиите на северот на земјата.