Грузискиот парламент одлучува дали ќе го отфрли ветото на претседателката на законот за „странски агенти“

Илустрација од протестите во Тбилиси против законот за странски агенти

Грузискиот парламент одржува седница за да го разгледа отфрлањето на ветото на претседателката Саломе Зурабишвили на таканаречениот закон за странски агенти, што предизвика неколкунеделни протести и критики дека е направен по моделот на репресивниот руски закон.

Седницата треба да се одржи и покрај апелот на Европската Унија и неколку нејзини членки до пратениците да не го поништуваат ветото на претседателката, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Владејачката партија Грузиски сон, основана од промосковскиот тајкун Бидзина Иванишвили, има солидно мнозинство во парламентот, така што гласовите за отфрлање на ветото се сметаат за обична формалност, бидејќи клучната парламентарна комисија го испрати нацрт-законот на пленарна седница во понеделникот (27 мај).

Тој закон ќе бара од граѓанското општество и медиумските организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странски извори да подлежат на надзор што може да вклучи санкции за сè уште недефинирани кривични дела.

Често се нарекува „руски закон“ поради неговата сличност со законите што ги воведе Кремљ за да ја задушат опозицијата и слободата на говорот.

Граѓанското општество во Грузија со години се обидува да ја оддалечи земјата од влијанието на Русија, која сè уште има илјадници војници во Јужна Осетија и Абхазија, два отцепени грузиски региони кои Москва ги призна како независни држави по петдневната војна со Тбилиси во 2008 година.

САД и Европската Унија го предупредија Грузиски сон дека игнорирањето на критиките и насилното справување со демонстрантите кои протестираат против законот ќе има негативни последици.

Грузија доби статус на кандидат за членство во ЕУ во декември, но допрва треба да ги започне пристапните преговори кои би можеле да траат со години. Имаше надеж дека таквите разговори би можеле да започнат подоцна оваа година, но Брисел предупреди дека законот за „странски агенти“ може да го загрози патот на Грузија кон Европа.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Денот на независноста на Грузија одбележан со масовен протест

На 27 мај, претседателите на парламентите на седум земји-членки на ЕУ - Чешка, Естонија, Латвија, Литванија, Франција, Холандија и Полска, објавија заедничка изјава во која ги повикаа грузиските пратеници да го укинат законот.

Во изјавата упатена до претседателот на грузискиот парламент, Шалва Папуашвили, се вели дека неодамнешните настани во Грузија се „вознемирувачки“ и дека дејствијата на грузиската влада се спротивни на вредностите и принципите што Грузија се обврза да ги поддржува.

„Ве повикуваме да го повлечете овој закон и да влезете во значаен и инклузивен дијалог со организираното граѓанско општество и граѓаните против мирните демонстранти“, се вели во соопштението.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во понеделникот рече дека ЕУ почнала да ги разгледува опциите доколку Грузија го усвои законот. Тој рече дека ќе биде донесена одлука следниот месец.

Грузискиот омбудсман Леван Хоселиани предупреди дека на законот му се потребни измени за да се ограничи штетата што ќе ја предизвика на граѓанското општество.

Илјадници претежно млади луѓе маршираа во Тбилиси во неделата на Денот на независноста на Грузија, повикувајќи го Грузиски сон да го укине законот.

Видете и ова: Грузиската претседателка апелира за радикални реформи во земјата

Соединетите Држави во соопштението по повод грузискиот празник истакнаа дека „ќе продолжат силно да ги поддржуваат аспирациите на грузискиот народ за евроатлантска иднина“.

„Ги повикуваме грузиските лидери да ги преземат неопходните чекори за да ја придвижат Грузија напред во вистинската насока“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Блинкен минатата недела најави визни ограничувања за грузиските владини претставници и сеопфатен преглед на билатералните односи со Тбилиси поради законот за „странски агенти“.