Украина и Белгија потпишаа билатерален безбедносен договор кој вклучува испорака на 30 борбени авиони Ф-16 на Киев. Договорот беше потпишан за време на средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и белгискиот премиер Александар Де Кроа во Брисел.
„Документот вклучува најмалку 977 милиони евра белгиска воена помош за Украина оваа година, како и посветеноста на Белгија за поддршка во текот на десетгодишното времетраење на договорот“, напиша Зеленски во објавата на социјалните мрежи.
Де Кроа рече дека 30 авиони Ф-16 ќе бидат испорачани на Украина до 2028 година.
Белгискиот министер за надворешни работи Хаџа Лахбиб претходно изјави дека се надева дека испораките ќе започнат до крајот на оваа година.
Зеленски и Де Кроа треба да ја посетат белгиската воздухопловна база каде што украинските пилоти се обучуваат да управуваат со борбени авиони Ф-16, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Во понеделникот, Зеленски потпиша безбедносен договор со Шпанија, кој вети воена помош за Украина во износ од една милијарда евра. На почетокот на мај Зеленски најави подготовка на седум нови билатерални безбедносни договори, вклучително и со САД.
Девет безбедносни договори како дел од декларацијата за поддршка на Украина усвоена во Вилнус во јули 2023 година од земјите од „Групата седум“ веќе се потпишани со Велика Британија, Германија, Франција, Данска, Канада, Италија, Холандија, Финска и Латвија.
Видете и ова: Шпанија ќе и обезбеди на Украина воена опрема од една милијарда евраИсто така во вторник, украинскиот премиер Денис Шмихал ќе се состане во Прага со група водачи на Европската Унија за да разговараат за воената помош за Киев во борбата против руската инвазија, рече чешкиот премиер Петр Фиала.
Фиала повтори дека првите пратки со муниција набавени во рамките на иницијативата предводена од Чешка, кои ќе бидат финансирани надвор од ЕУ, ќе пристигнат во Украина во јуни.
Зеленски по Брисел патува за Лисабон каде ќе се сретне со португалскиот премиер Луис Монтенегро и претседателот Марсело Ребело де Соуса.
Остануваат помалку од три недели до самитот за мир во Украина, кој треба да се одржи во Швајцарија. Зеленски го отфрли предлогот на Кина и Бразил да ја поканат Русија, велејќи дека Русија „ќе блокира сè“.