Африм Гаши поднесе оставка од функцијата претседател на Алтернатива, информираат од Секторот за односи со јавност на Алтернатива. Како што велат од партијата ова е поради кандидатурата за претседател на Собранието на Гаши.
Информацијата за МИА ја потврди и Гаши.
„На последната седница на Централното собрание на Алтернатива, одржана во четвртокот на 23 мај, меѓу другото се разговараше и за кандидатурата на Африм Гаши за претседател на Собранието на Република Северна Македонија. Бидејќи Уставот на РСМ, член 67, определува дека претседателот на републичкото собрание не може да биде и претседател или функционер на политичка партија, Африм Гаши поднесе оставка од функцијата претседател на Алтернатива и од сите други функции на партијата, велат од Алтернатива.
Видете и ова: Поранешни министри, лекари и директори се новите пратенициПред тоа, стои во соопштението, согласно статутот на Алтернатива, претседателот Африм Гаши го овласти потпретседателот Беким Сали да ги извршува формалните обврски на партијата до конечното решавање на темата на претседателот на Алтернатива.
До изборот на претседател на Собранието со конститутивната седница ќе претседава најстариот пратеник по години. Во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџику.
Дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.