Финишираат разговорите за Влада, претседател на Собранието од Вреди

Влада на Република Северна Македонија

Составот на новата влада е пред финален договор, објавува Македонската информативна агенција (МИА).

Според информации од работните групи, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ќе имаат министри во министерствата за внатрешни работи, за финансии, за транспорт и врски, за образование и наука, за култура, за надворешни работи, за земјоделства, шумарство и водостопанство, за локална самоуправа, за одбрана, за енергетика, за политички систем и други.

Коалицијата Вреди ги добива министерството за животна средина и просторно планирање, а министерот што ќе управува со него во исто време ќе биде и вицепремиер. Кадри на коалицијата Вреди ќе раководат со Министерството за здравство и Министерството за социјална политика, демографија и млади, со Министерството за економија и труд, со Секторот евроинтеграции, како и со уште едно министерство без ресор задолжено за добро владеење и транспарентност.

Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ: Се уште нема конечен договор со ЗНАМ

Според информациите од работните групи, и преговорите со ЗНАМ финишираат. Тие, се очекува да добијат две министерства и тоа Министерство за правда и новото Министерство за администрација.

Претседател на Собранието оди во рацете на коалицијата Вреди.Претседател на Собранието најверојатно ќе биде Африм Гаши од коалицијата Вреди, како што попладнево потврдија од партиските работни групи кои преговараа за нова влада.

До изборот на претседател на Собранието со конститутивната седница ќе претседава најстариот пратеник по години. Во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџику.

Собранието ќе брои 120 пратеници, но на утрешната седница ќе присуствуваат само 118 пратеници чии мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандати за кои се прегласуваше минатата среда се уште течат жалбените постапки.

ВМРО-ДПМНЕ, претходно излезе со став дека имаат консолидирано 61 пратеник, без при тоа да посочи кои се дополнителните три пратеници кои ќе им се приклучат. Новата влада, како што претходно најавија од ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде формирана до 20-ти јуни.

За вторник, 28 мај, е закажана конститутивната седница на новиот парламентарен состав.