„Рацете на Украина се врзани“ поради ограничувањата за користење на оружјето што го добива од нејзините западни сојузници за напад на руска територија, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на почетокот на состанокот на Алијансата во Софија.
Неколку земји ја ограничија употребата на оружје доставено до Украина само на нејзина територија, вклучително и Крим и Донбас, но им забранија да напаѓаат руска територија.
„Затоа на Украинците им се врзани рацете и тоа многу ја отежнува одбраната. Мислам дека е време да се преиспитаат некои од тие ограничувања“, рече Столтенберг бидејќи, како што истакна, Киев „има право да се брани“ и „има право да напаѓа легитимни воени цели надвор од Украина“.
Видете и ова: Украинските сили се борат за Вовочанск, САД ветуваат нова испорака на оружјеСоединетите Држави, главниот снабдувач на воена помош за Украина и Германија и некои други европски земји, не се за тоа да се дава оружје без никакви ограничувања. Меѓутоа, американскиот државен секретар Ентони Блинкен неодамна во Киев изјави дека Украина треба самата да одлучи како ќе го користи оружјето.
„Не охрабрувавме напади надвор од Украина, но на крајот на денот останува на Украина да донесе одлуки за тоа како да се води оваа војна“, рече Блинкен.
Во меѓувреме продолжаат руските напади врз Украина, особено регионот кај Харкив. Соединетите Држави понудија нова поддршка за Киев, повикувајќи ги другите сојузници да продолжат со снабдување со оружје за да помогнат во одбраната на Украина.
Неодамна, украинскиот претседател Володимир Зеленски, во интервју објавено од Ројтерс, се пожали дека на западните сојузници им треба премногу долго за да донесат клучни одлуки за дополнителна воена поддршка.