Парламентарното собрание на НАТО во понеделник (27 мај) ја одобри препораката за унапредување на статусот на Косово од членка набљудувач во придружна членка.
На седницата на Собранието што се одржа во Софија, Бугарија, мнозинството земји гласаа „за“, една земја беше „против“, а 14 други земји беа воздржани.
Делегацијата на српскиот парламент пред неколку дена со писмо побара да не се подобрува статусот на Косово.
Парламентарното собрание на НАТО е институционално одвоено од Алијансата, но служи како важна врска помеѓу тој воен сојуз и парламентите на земјите-членки. Се состои од 281 делегат од сите 32 земји-членки на НАТО. Покрај нив, во нејзините активности учествуваат делегати од девет асоцијативни земји, четири асоцијативни медитерански земји, како и осум парламентарни набљудувачки делегации.
Придружните членки - она што Косово сака да го постигне - можат да презентираат резолуции и да поднесуваат амандмани на резолуциите. Тие можат да служат и како специјални известувачи во комисиите за да ги претстават своите перспективи во извештаите на Парламентарното собрание на НАТО.
Но, тие немаат право да гласаат за извештаи, резолуции или раководство на Парламентарното собрание, ниту пак придонесуваат во неговиот буџет.
Во моментов има девет придружни членки, меѓу кои се Србија и Босна и Херцеговина.
Собранието на Косово со години е набљудувачка делегација со две места во Парламентарното собрание на НАТО. Со подобрување на статусот би се зголемила и косовската делегација.
На средбата во Софија учесниците ќе бидат примени од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и други високи претставници на Алијансата и земјата домаќин - Бугарија.
Ќе се разговара за теми поврзани со евроатлантската одбрана и безбедност, со фокус на поддршката за Украина и приоритетите на овогодинешниот самит на НАТО, што ќе се одржи во јули во Вашингтон.
„За време на седницата се очекува Собранието да ја зајакне својата непоколеблива позиција за неоправданата, непредизвикана и брутална војна на Русија против Украина, да разговара за обезбедување итна и долгорочна помош за Украина и да усвои декларација за поддршка на Украина до нејзината победа“, соопшти Парламентарното собрание на НАТО.
Видете и ова: Заедницата на општини со српско мнозинство - пречка на патот на Косово кон Советот на ЕвропаОткако Русија започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, косовските власти побараа забрзано членство во НАТО.
„Забрзаното членство на Косово во НАТО и воспоставувањето постојана база на американските сили се итна потреба за гарантирање на мирот, безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и пошироко“, изјави тогашниот министер за одбрана на Косово, Арменд Мехај.
НАТО не го коментираше ова барање на Косово, но увери дека неговата мировна мисија во земјата (КФОР) „овозможува итно решавање на секој развој што може да влијае на безбедносната ситуација“.
Силите на НАТО се присутни на Косово од јуни 1999 година, по завршувањето на војната и повлекувањето на српските сили. Косово граничи со три земји-членки на НАТО: Албанија, Црна Гора и Северна Македонија. Четири земји на НАТО сè уште не ја признаваат независноста на Косово: Грција, Шпанија, Романија и Словачка.