На само два дена пред одржување на конститутивната седница во Собранието, партијата ВМРО-ДПМНЕ која освои 58 пратенички мандати седна на преговарачка маса со Движењето Знам кое на парламентарните избори освои 6 пратенички мандати.
На вчерашната прва официјална средба во просториите на Знам, претставници од ВМРО-ДПМНЕ биле потпретседателите на партијата Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски наспроти генералниот секретар Горан Минчев и потпретседателите Весна Бендевска и Павле Арсоски од другата страна.
Видете и ова: Поранешни министри, лекари и директори се новите пратенициНи ВМРО-ДПМНЕ ни Знам не соопштија никаки детали од средбата или исходот од преговорите.
„Се уште нема конечен договор, тоа што можам да го споделам е дека разговорите се одвиваат во позитивен дух, изјави портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање дали Движењето ЗНАМ станува дел од Владата и кои ресори би ги добиле.
Од Движењето ЗНАМ, кое го предводи кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кусо информираа дека на средбата се разговарало за стратешките определби, политичките начела и политичката платформа за соработка.
Претходно вчера, од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека преговорите меѓу коалициските партнери за идната Влада се во напредна фаза, но оти се уште нема конечен договор со Коалицијата „Вреди“ и се до официјално моментот кога ќе може да се соопшти нема да соопштуваат никакви детали.
ВМРО-ДПМНЕ, претходно излезе со став дека имаат консолидирано 61 пратеник, без при тоа да посочи кои се дополнителните три пратеници кои ќе им се приклучат. Новата влада, како што претходно најавија од ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде формирана до 20-ти јуни.
За вторник, 28 мај, е закажана конститутивната седница на новиот парламентарен состав. Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ - 58, коалицијата„ За европска иднина“ предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата ВЛЕН 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.