Хамас истрела ракети кон Тел Авив за прв пат по неколку месеци

Илустрација, Газа

Палестинската исламистичка група Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка, истрела ракети кон Тел Авив за прв пат по четири месеци, активирајќи предупредувачки сирени во израелскиот град.

Неколку експлозии се слушнаа во центарот на Тел Авив, а се огласија и ракетни аларми во неколку градови во пошироката област.

Одговорноста за нападите ја презеде военото крило на Хамас, организација која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка.

Видете и ова: Камиони со хуманитарна помош влегуваат во Газа

Според здравствените власти две жени биле полесно повредени додека брзале кон засолништата.

Израелски воени извори за новинската агенција ДПА изјавија дека осум ракети биле истрелани од градот Рафа во јужниот дел на Газа, каде што Израел ја продолжува својата воена операција и покрај неодамнешната одлука на Меѓународниот суд на правдата (МСП) која нареди да престане.

Неколкуте проектили, наводно, биле пресретнати од израелскиот противракетен одбранбен систем, јавува германската новинска агенција ДПА.

Последен пат Тел Авив беше нападнат со ракети од Појасот Газа на 29 јануари.